„Пиволенд 2017“ од 7. до 12 август, потоа „Супер Скопје“

03.08.2017 | 15:53
Прочитано: 2878

Од понеделник до сабота идната седмица (7-12 август) на Скопско Кале ќе се одржува десеттата манифестација „Пиволенд 2017“ под покровителство на Град Скопје, кој за јубилејното издание од буџетот издвои 600.000 денари.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на прес-конференција соопшти дека годинава „Пиволенд“ ќе биде вовед во нова манифестација во главниот град - „Супер Скопје“. Ја најави како голема летна забава во четири петоци и саботи, почнувајќи од 18-19 август до 8-9 септември.

За „Пиволенд“  рече дека и оваа година посетителите ќе имаат можност да уживаат во добра музика, студено пиво и гурмански деликатеси.

„На годинашниов „Пиволенд“ ќе има богата музичка програма. Ќе настапат Ван Гог, Неверне бебе, Сарс, Негатив, како и македонскиот рап-состав САФ. За љубителите на фудбалот, на 7-ми и на 8 август, со оглед на тоа што во исто време се одржува Суперкупот, подготвени се повеќе содржини во кои ќе може да уживаат во навивачка атмосфера“, рече Трајановски.

За поддршката од Град Скопје се заблагодари Сандра Темова од угостителскиот објект Темов ФШТ ДОО која ги повика граѓаните на Скопје и сите љубители на пивото да го посетат фестивалот и да уживаат во околу 100 видови пиво и многу деликатеси. Првиот Гурмански викенд со пиво – Пиволенд се одржа во 2008 година, а во 2009-та беше прогласен за најпосетен настан. 

Во врска со новата манифестација „Супер Скопје“, Трајановски соопшти дека ќе се одржува во вечерните часови и ќе понуди добра музика. Град Скопје е во преговори со повеќе музички изведувачи и дополнително ќе информира за нивните имиња и за датумите на настапите.

Првата забава од „Супер Скопје“ ќе биде на 18-ти и на 19 август на кеј 13 Ноември, втората на 25-ти и на 26 август во Старата скопска чаршија, третата ќе биде организирана на 1-ви и 2 септември на улицата „Македонија“ и четвртата - на 8-ми и 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало.

„Скопје првпат ќе има ваква голема забава. Сакам да го направиме традиционален за сите граѓани коишто ќе останат во летниот период во Скопје за да уживаат во летната забава“, истакна Трајановски на прес-конференцијата.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.