„Реквием на госпоѓа Ј“ го отвори скопскиот филмски фестивал

21.04.2017 | 13:13
Прочитано: 2907

Со богата програма од над повеќе од 75 филмови до 28 ми месецов во киното Милениум ќе се одржи Јубилејното 20-то издание на Скопје Филм Фестивал. Фестивалот  го отвори филмот „Реквием за госпоѓа Ј',  на режисерот Бојан Вулетиќ, кој беше дел од програмата на 67. издание на Берлинскиот филмски фестивал. Се работи за приказна во стилот на Кафка полна со црн хумор, во српска, македонска, руска, бугарска,  француска копродукција.

На македонската приемиера на филмот во Кино „Милениум“  гостуваа  режисерот Бојан Вулетиќ и актерката Мирјана Карановиќ. До сега, филмот се прикажа на 67-то издание на Берлинале, на Фест Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21-от Интернационален Филмски Фестивал во Софија ја освои наградата Фипресци, што ја доделува интернационалната федерација на филмски критичари.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална  криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва.

Програмата на Скопје филм фестивал  во кино Милениум,  ќе  продолжи со премиерата на новата македонска комедија во режија и по сценарио на Коле Ангеловски „Ах љубов моја“, во продукција на „Авард филм и видео“. Во главните улоги настапуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.

Овогодишната програма ќе биде поделена на неколку сегменти, и тоа: програма на авторски филм, гала проекции, панорама на светски филм, фокус на француски филм,  филмови од македонска продукција, програма на краток филм, ретроспектива на Стенли Кјубрик, детска програма „Креираме заедно“. 

Во Кинотеката на Македонија, ќе бидат прикажани завршните продукти од работилниците за фотографија, видео запис и плакати за детската програма. Во фоајето на „Кинотеката ќе бидат изложени фотографиите и цртежите што ги изработија учениците, а по свеченото отворање, ќе бидат  прикажани нивните видео записи и дел од филмската програма.

Годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат на фестивалска  програма се вклучуваат  и учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица.  По завршување на проекциите следува дебата на тема:„Креативноста -прозорец кон светот на различностите“. Детската филмска програма  на „Скопје филм фестивал“, ќе понуди осум куси детски филмови кои уриваат редица табуа и стереотипи за луѓето со попреченост и отвараат теми за размислување. Филмовите се синхронизирани на македонски јазик и се со адаптиран превод  за лицата со оштетен слух. 

 

 


Симона Ристевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.