„Трансмет“ инкасирала 84 милиони евра од државата

17.03.2017 | 19:27
Прочитано: 23994
Градежната фирмата „Трансмет“ која Специјалното јавно обвинителство ја сомничи за злоупотреба на јавна набавка во вредност од 17 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, во последниве пет години преку државни органи инкасирала 84.6 евра.

Договори ги делеле министерства, општини, дирекции, здравствени установи и претпријатија со државна сопственост. 
 
Анализите на објавените договори преку Бирото за јавни набавки говорат дека во рок од пет години „Трансмет“ склучила 45 договори со 14 установи, институции или државни претпријатија. Најмногу договори се склучени со Град Скопје, општина ѓорче Петров и ЕЛЕМ. Во четири очи склучени се девет договори во вредност од 25 милиони евра. Меѓу нив е и тендерот за санација на обиколницата оштетена од ланските поплави, тендер вреден два милиони и шестотини илјади евра. 
 
Првиот покрупен тендер кој фирмата го добила е од ЕЛЕМ во износ од 19 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Тендер кој е под истрага на Специјалното јавно обвинителство, а склучен во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. 
 
Најмногу договори во вредност од речиси 50 милиони евра се склучени во 2013 година, а преку ЕЛЕМ, „Трансмет“ ги добила и најтешките тендери во вкупна вредност од 63 милиони евра. 
 
„Трансмет“ градела инфраструктура, булевари, улици, атмосферска или фекална канализација и водоводна мрежа. Била ангажирана за уривање на бесправно изградени објекти, за транспорт на стоки, санација на брани и чистење на канали. Меѓу попопуларните тендери се и изградбата на површинската фонтана на Плоштад Македонија, барокна реконструкција на објекти во центарот на Скопје и изведба на пешачката улица Тоше Проески во Ново Лисиче. 
 
Фирмата е основана во 1992 година од Исмет Кочат. Подоцна ја наследуваат неговите синови. Управител до лани беше осомничениот во предмет на СЈО, Сеад Кочан, но по договорот за санација на обиколниците, тој ја префрли сопственоста на неговиот брат Дин Кочан.
 
„Трансмет“ работи и на изградба на автопатот Кичево-Охрид откако склучи договор со кинеската компанија „Синохидро“ која го доби тендерот од државата. Градежните работи кои „Трансмет“ ги извршува како подизведувач се проценува дека се во вредност од 78 милиони евра.

Маја Васева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.