12-ти август Меѓународен ден на младите

12.08.2017 | 17:55
Прочитано: 1363

Меѓународниот ден на младите кој денеска се одбележува во светски рамки има за цел да привлече внимание кон најважните приоритети и потреби на младите.

Во Македонија голем дел од младите велат дека не е доволно само еден ден да се посветува на нив, бидејќи како што велат потребно е континуирано следење на проблемите со кој се соочува младиот човек особено во нашата земја.

Велат дека и овој ден во Македонија ќе помине во знакот на рекорден број на невработеност, застарен и неиновативен образовен систем кој не соодветствува со побарувачката на пазарот на трудот, како и со големиот одлив на младите  од својата земја по завршувањето на високото образование во потрага по соодветна или подобро платена работа. Бараат нивниот глас да биде слушнат не само на овој ден туку во текот на годината.

„Денеска е светскиот ден на младината, односно на младите што можат да направат нешто повеќе. За позицијата во којашто сме ние говори процентот на одливот на мозоци којшто се случува во Македонија. Верувам дека младите во Македонија не се задоволни од тоа каде се и каде треба да бидат. Еден ден не е доволен за да се промени статусот. Младиот човек е се уште заглавен во таа позиција да не може да бара повеќе за себе“, вели Ивана Крстиќ.

„Она на што ме асоцира 12 август  односно меѓународниот ден на младите, прво на памет ми доаѓа моменталната ситуација, како ние живееме тука во Македонија.  Она на што јас апелирам е поголема вклученост на младите во политиките коишто се случуваат моментално и во целиот општествен живот“, вели Софија Стојановска.

Од Агенција за млади и спорт велат дека младинската гаранција со која се нуди можност за субвенционирани работни места, вработување на младите, обуки и други активности е само една од низата активности кои ќе се преземаат со цел подобрување на ситуацијата во Македонија.

„Младите ќе добијат силен партнер во владата на Република Македонија, спроведување на младинските мерки, се со цел подобар младински стандард во Македонија.

Студентската гаранција е една од мерките кои бомбастично ги најавувавме во кампањата на изборите. Ќе стартува веќе од наредниот месец. Тоа е само една од мерките, ние ќе понудиме сет мерки како што се старт ап бизнисите, 10.000 евра неповратни средства, младите да стартуваат сопствен бизнис за да го подобриме младинскиот стандард во Македонија“, изјави Дарко Каевски – директор  на Агенција за млади и спорт.

На 17 декември 1999 година во Обединетите нации беше прифатена Резолуцијата за активно вклучување на младите во политиките што директно влијаат на нивниот личен и општествен развој. Препознавајќи ја улогата на младите луѓе во подобрување на човековите права и слободи, ОН го прогласи 12 август за Меѓународен ден на младите. 


Сунаи Сабриоски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.