24 Отворено: Држава без Влада, осакатена економија - како да се откочат процесите?

21.04.2017 | 12:22
Прочитано: 4868

Бизнисот блокиран, аграрот пред колапс. Држава без Влада, осакатена економија. Како да се откочат процесите – дали идејата на Ахмети е решение, Груевски и Заев да седнат на иста маса? За овие прашања се дебатираше во новото студио на 24 Отворено со претставник од бизнисот, од кластерот за текстил, Маријана Перковска, универзитетските професори Борче Давитковски, Предраг Трпевски и Џевдет Хајредини.

Има институционална блокада без Влада и без локална самоуправа која го кочи бизнисот, а економијата зависи од политичките решенија, сметаат дел од гостите. 

Перковска вели дека во период на промена на власта се потешко станува водењето на бизнисот. Според професорот на Правниот факултет, Давитковски, мандатот го има тој што има мнозинство. „Тоа е абецеда во демократијата“, вели тој и предвидува дека трансферот на власта ќе биде тежок.

„Нема политичка култура и дијалог, постои голема самобендисаност кај политичките партии, сите се закопани во своите ровови, не гледам светла точка за излез од кризата. Уставот е како решето, секој го толкува како сака. Само Собранието може да го измени Законот за локална самоуправа со двотретинско мнозинство“, вели Давитковски.

За исплатата на субвенциите Давитковски вели дека техничката Влада треба да ги преземе тековните обврски врз основа на склучените договори и да направи исплата.

„Државата е заложник на партиската гарнитура која ги држи конците и ги блокира институциите на системот. Субвенциите се исплаќаат предизборно во функција на прибирање на гласови. Се прави жестока пропаганда на власта за поделбата на субвенциите“, вели поранешниот Министер за финансии, Хајредини.

Универзитетскиот професор Трпевски смета дека ако има нестабилна политичка и социјална состојба, бадијала има ниски даноци, бизнисмените нема да инвестираат. „Во Македонија нема внатрешен економски потенцијал за да се обезбеди минимален потенцијал да се охрабрат инвеститорите и да се направи промет“, додава Трпевски.

Гледајте ја репризата на 24 Отворено во недела во 10 часот

Вашите прашања и коментари на #Отворено и #24Вести

 

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.