Британија го почна процесот за излез од Европската Унија

19.06.2017 | 17:45
Прочитано: 1576
Речиси една година по референдумот во Велика Британија за излез од Европската Унија, започна процесот на „раскинување на 44-годишниот брак“ со покренување на Членот 50 од Лисабонскиот договор, почнаа преговорите за излез на Британија од европското семејство.  
 
Мишел Барние, шефот на преговарачкиот тим на Европската комисија за Брегзит,  си подаде рака со британскиот државен секретар за Брегзит Дејвид Дејвис, означувајќи го почетокот на преговорите. 
 
„Денеска ги почнуваме преговорите за излегување на Обединетото кралство од ЕУ.“ - изјави  Барние.
 
Британскиот државен секретар за Брегзит изјави дека се стреми кон позитивен и конструктивен тон во преговорите.
 
„Повеќе нешта не поврзуваат, отколку што не разделуваат.“ - изјави Дејвид Дејвис.
 
На маса со нив седна и британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека преговорите за Брегзит, кои почнаа денеска треба да го подготват теренот за „подлабоко и специјално партнерство“, какво што Лондон сака да одржи со ЕУ.
 
„Најважното сега е да гледаме напред, да мислиме за иднината и за новото партнерство, длабоко и специјално партнерство, кое сакаме да го изградиме со нашите пријатели.“ - изјави  Борис Џонсон.
 
Потребата да се заштитат граѓаните, по впуштањето во ваквии води уште еднаш ја нагласија претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани и координаторот на европскиот законодавен дом за Брегзит, Ги Верхофстад. Претседателот на Европарламентот порача дека „позицијата на Европскиот парламент е јасна“, а тоа е зачувување на правата на милиони граѓани на ЕУ што ќе бидат погодени од Брегзитот.
 
„Преговорите со детали за повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската унија сега мора да започнат сериозно и очекувам тие да бидат спроведени на уреден начин и во духот на соработката.“ - изјави  Антонио Тајани.
 
Во април годинава, Европскиот парламент, со огромно мнозинство, усвои Резолуција во која ги истакнува своите приоритети и услови за преговорите за повлекување на Велика Британија од Европската унија.
 
Пратениците дадоа апсолутен приоритет на фер и еднаков третман за граѓаните на ЕУ и на Велика Британија, но и истакнаа дека Лондон ќе треба да ги исполни сите свои финансиски обврски, вклучувајќи ги и оние кои може да се надминат по датумот на повлекување. Исто така, европратениците истакнаа дека четирите правила на ЕУ за слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе се неделиви и во Резолуцијата порачаа дека „секој преоден аранжман не смее да трае подолго од три години“.
 
Сепак, според најавите, официјалното повлекување на Обединетото Кралство од Европската унија треба да се случи во летото 2019 година, а дотогаш преговарачите треба да завршат со договарањето на сите услови за „мек“ излез на Велика Британија од Унијата. За кој било склучен договор за Брегзит ќе биде потребно одобрение од Европскиот парламент пред тој да стапи во сила.

Сандра Бошковска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.