Давор Стојановски добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016

15.03.2017 | 13:43
Прочитано: 2406

Младиот автор Давор Стојановски со романот „Собирачи на пепел“, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016 што ја доделува „Утрински весник“. 

На 13 март жири-комисијата за избор на лауреатот на 18-тата книжевна награда, во состав Петар Андоновски (претседател), писателката Гордана Михаилова Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач и Катарина Богоева, уредничка на културната редакција на „Утрински весник“, со мнозинство гласови реши оваа награда да му ја додели на Давор Стојановски. 

„Романот „Собирачи на пепел“ претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата“, рече на денешната прес-конференција претседателот на жири-комисијата Андоновски. 

Стојановски, како што рече, одлично владее со приказната,  тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив. 

 

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.