Дебата за законот за јазици, а за патните трошоци молк?!

14.11.2017 | 20:32
Прочитано: 1801

Патните трошоци на пратениците, според проекциите на буџетот за 2018 година, граѓаните ќе ги чинат речиси идентично, како и лани и покрај најавите на власта за кратење на овие трошоци. За патувањето на пратениците годинава повторно ќе се издвојуваат 1,3 милиони евра, а кратењето на овие трошоци преку ребалансот, било само поради тоа што собранието во август не заседаваше, па пратениците не патува – објаснува координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев.

„Не е точно дека со новиот предлог буџет се зголемуваат или удвостручуваат овие трошоци. Имено за 2017 беа предвидени 1,3 милиони, но со ребалансот овие средства беа скратени за околу 600 илјади евра, поради неможност да се реализираат до крајот на годината. Проекцијата на овие средства за 2018 е на идентично ниво со вредноста од ланскиот буџет“ – ни изјави Тунтев.

Проекциите за патни трошоци, според координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, не можат да се зголемат ниту да се намалат, бидејќи, како што вели тој, висината на одделените средства зависи колку пратеници и од каде патуваат.

„Секој парламентарен состав е различен. Во овој состав имаме повеќе пратеници кои патуваат и овие трошоци се пресметуваат врз основа на тоа. Јас лично сум од Скопје и не ми следуваат патни трошоци, но сметам дека на колегите кои доаѓаат од другите градови треба да им бидат покриени трошоците за патување. Кога може директори и заменици директори да добиваат службени коли и да им се плажа бензин, зошто да не добиваат патни трошоци народните избраници?“ - вели Алими.

Од опозицијата пак се воздржаа од коментар. Координаторот на една од пратеничките групи, Илија Димовски, само кусо порача дека проекциите за патни трошоци се обврска и одговорност на пратениците од власта. За утре СДСМ најави прес конференција во Собранието, за како што велат, расчистување на сите дилеми за предвидените пари за патни трошоци на пратениците.



Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.