Депонијата во Струга тема на вонредна седница

20.04.2017 | 18:47
Прочитано: 2418
Шести ден гори струшката депонија.Стружани сеуште се гушат во неподнослива миризба,а локалните власти дури денеска свикаа седница со цел  да  изнајдат решение за проблемот кој   тлее во струшко поле.
 
Но, наместо тоа советниците  партиски се препукуваа  и си ја префрлаа вината едни на други,па излезот од еколошката катастрофа која и се случува на Струга и понатаму останува само на хартија.
 
„Бараме одговорност од сегашниот и бившиот градоначалник Села,затоа што според нас тој е единствениот виновник за ова што и се случува на Струга“ – вели Дејан Пауновски, советник ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Имаше многу проекти за депонијата кои требаше да се реализираат уште пред шест години но ништо не се направи. Сега за да престане смрдеата најидеално решение е да се изгради нова регионална депонија или оваа да се премести на посоодветно место“ – вели Даме Лажанкоски, советник СДСМ.
 
И додека депонијата гори, населението се гуши а струшкиот совет води партиски превирања, граѓаните револтирани повикуваат на одговорност и брза реакција на службите. Тие денеска повторно излегоа на протест.
 
„Не ми е јасно како може да гори толку денови и се завршува на тоа епа не можеме да го изгаснеме. Бараме одговорност да се изГасне прво пожарот па потоа да се најде адекватно решение.“ – вели граѓанин на Струга.
 
На Стружани  не им е јасно како и по шест дена огнот пламти, а се гасел со четири цистерни вода и десетици камиони песок.Командирот на противпожарната служба пак се брани дека машините биле стари, а пожарот страотен.
 
„Со оглед на тоа колку ни се стари машините и целата механизација добро што успевме да стасаме на време и да спречиме пожарот да се прошири.“ - вели Минир Мамути командир на ТППЕ Струга.
 
Во меѓувреме граѓаните потпишуваат и петиција која ќе биде доставена до Министерството за животна средина.

Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.