Едногодишната Медина Синаноска мора итно да се лекува, лекарите не и поставиле дијагноза

19.02.2015 | 20:28
Прочитано: 2434
Едногодишната Медина Синаноска од Прилеп подолго време има тумор, а поради неусогласеност на дијагнозите на докторите од Клиниката за детски и од Клиниката за очни болести во Скопје, како што вели мајката Филизана Алиоска, девојчето може да го изгуби видот. 
 
Медина и мајка и биле хоспитализирани 35 дена на одделот за хематологија во детската клиника, но за тој период не му била поставена точна дијагноза.  
 
„Докторите од хематологија кажаа дека е тумор, а во очната клиника ми рече една докторка дека е рак. Кога се вративме во хематологија каде што бев хоспитализирана, бев кај директорката,а таа ми кажа дека не може ништо да се прави, дека нема извештај или одобрување што да прима девојчето“, вели мајката Филизана.
 
Разочарана и исплашена што нејзиното дете не се лекува, Филизана одлучила да ја напушти болницата во Скопје, a во невладината РОМА С.О.С. таа веднаш се обратила за правна помош.
 
„Триесет и пет дена чекаше мајката за да почне со лекување, не започна лекувањето и немаше ниту најави дека ке се започне со лекување. Поднесовме пријава до Министерството за здравство, за да ни се даде одговор на тоа прашање, меѓутоа до денес, и покрај пријавата немаме добиено никаков одговор“, вели Несиме Салиоска, извршен директор на РОМА С.О.С.
 
Од Клиниката за очни болести информираат дека во текот на тие 35 дена, биле направени серија дијагностички анализи. 
 
„Со сите наоди е организиран конзилијарен офталмолошки преглед и конзилиумот од Клиниката за очни болести се изјаснил дека според клиничките наоди и испитувањата, болеста најмногу личи на ретинобластом на двете очи, но од нивна страна не се предлага никаква хируршка интервенција за уточнување на патохистолошката дијагноза која е неопходна за да се  започне со  хемотерапија. На инсистирање на родителите детето е испишано од Одделот со намера да се довршат испитувањата во друг дијагностички центар, на сметка на семејството“, стои во соопштението од клиниката. 
 
И од Министерството за здравство побаравме, но не добивме одговор за овој случај.  

Моника Талеска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.