Експерти на Светска банка бараат решение како да се спаси државниот пензиски фонд во Македонија

13.02.2018 | 18:04
Прочитано: 4168

Следниот месец експерти на Светска Банка ќе понудат конкретни решенија за спас на државниот пензиски фонд во Македонија.  Најверојатно ќе се намали заменската стапка, односно процентот за определување на висината на пензиите и начинот на кој пензиските друштва ги инвестираат парите од приватните пензиски фондови.

Но, засега никој не открива и дали ќе се оди кон зголемување на возраста за пензионирање. Од Светска Банка, која е креатор на тростолбниот пензиски систем, велат дека во последната деценија малку е направено за да се обезбеди одржливост на системот.

„Проблемите се зголемуваа и оваа Влада има задача симултано да се справи со нив. Светска банка ги поддржува овие напори со тим од пензиски експерти, кои и помагаат на Владата на Македонија во дизајнирање и спроведување мерки за подобрување на целите на пензискиот систем за да го заштити населението кое старее во Македонија на финансиски одржлив начин“, велат од Светска Банка.

Професорот Трајко Славески предлага намалување на парите што се префрлаат во приватните фондови.

„Сегашната стапка изнесува 18 отсто и таа се дели 12 отсто на државниот, шест отсто за приватниот. Мојот предлог е дека уште еднаш треба да се размислува да се подели, наместо шест отсто, да остане само три отсто за наредните пет години во приватните пензиски друштва, а да се зголеми за три процентни поени во државниот пензиски фонд. Не би размислувал за зголемување на онаа стапка од 18 отсто, затоа што се уште се чувствуваат позитивните ефекти врз намалувањето на невработеноста и не би сакал да го прекинеме тој тренд“, вели Трајко Славески, универзитетски професор.

Но, директорот на МАПСА, што е регулаторно тело на приватните пензиски фондови, категорично го отфрла таквото решение. Вели дека ПИОМ не треба да се спасува на сметка на приватните.  

„МАПАС ќе се спротивстави на таквото решение. Тоа би било прв чекор кон укинување на приватните пензиски фонда и тоа не е добро решение. Приносот во приватните фонда е најголем во регионот што покажува дека тие имаат добра инвестициска политика“, вели Булент Дервиши, директор на МАПАС.

Пензиските друштва не сакаа да го коментираат ваквиот предлог. Доколку се намалат парите во приватните фондови под знак прашање ќе биде висината на пензиите на нивните членови, зашто ПИОМ ќе им дава само 30 проценти. Останатиот дел од пензијата ќе треба да го обезбедат приватните фондови. Сега таму членуваат 460 илјади осигуреници. За исплата на пензии годинава ќе бидат потрошени 880 милиони евра. Половина ќе бидат обезбедени од централниот буџет.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.