Градинки во политички кампањи

12.10.2017 | 18:47
Прочитано: 1113

Велешката детска градинка ќе присуствува на митинг на ВМРО ДПМНЕ. Така пишува на официјалниот фејсбук профил на градинката. Оваа институција преку Фејсбук прифатила присуство на митингот, кој вчера се одржа во Велес, откако тој што го ажурира профилот, одговорил позитивно на поканата која му стигнала. Оваа информација брзо се прошири помеѓу велешани.

Родители чиј деца ги посетуваат градинките „Димче Мирчев“ се прашуваат како е можно воспитна установа да врши политичка пропаганда. Директорката на детските градинки „Димче Мирчев“ од Велес, Наташа Јанушава не сакаше да даде изјава и вети став на мејл, но до затворањето на вестите, не го испрати. Претходно, преку Фејсбук, случајот го нарече „класична местенка“ за собирање ситни политички поени на штета на една од најуспешните јавни установи за деца во земјава.

„Колку за информација, со профилот на Градинката работи цел тим. Така што не се сомневам дека станува збор за низок удар, односно како што прочитав на коментарите на Вашиот пост, сме го допреле дното. Не Установата, туку еден од редовите на вработени кои располагаат со лозинката. Се разбира, некој кој наштетил на принципите на работата во Установата!“ изјави Наташа Јанушева - директор на детски градинки „Димче Мирчев“ - Велес.

Официјалниот Фејсбук профил на градинките „лајкнувал“ профили со содржини и против владејачката СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев. За овие случи денеска реагираше и општинската организација на СДСМ од Велес.

„Недозволиво е на фејсбук страницата на градинката да се повикуваат и рекламираат граѓани на нивниот митинг. Тоа е казниво со закон. Со вакви кадри ќе ја водите општината Велес, господине Чадиев?“ - изјави Вероника Ивановска - СДСМ.

Ова е уште еден од низата случаи кога во политичка кампања се вклучуваат образовни и педагошки институции и просветни работници. Пред шест месеци просветниот инспекторат го ослободи од одговорност директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“ кој ги поттикнуваше учениците да одат на протести, како и наставничката од Битола која носеше крст со името на лидерот на СДСМ Зоран Заев.


Владимир Тевчев
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.