Груевски се жали на селективна правда, Жерновски порачува дека е казна од господ

18.12.2017 | 17:06
Прочитано: 3322

Набиена агенда во Кривичниот  суд за поранешниот премиер Никола Груевски. Во еден ист ден  седна на обвинителна клупа за двата случаи на СЈО -“Траекторија“ и “Шамарите во Центар“.  Лидерот на опозицијата во оставка, обвинува за селективна правда. Тој бил постојано во судот, а за разлика од него,процесот против  премиерот Зоран Заев се одолговлекувал.

„Станува збор за едно силно малтретирање од обвинителство кое е политичко создадено. Ни ставаат по 2 рочишта на ден за цел ден да бидеме во суд, а кога станува збор за Зоран Заев не може да почне неговото рочиште. Очигледно е дека судот е под таков притисок што кон нас постапува така за побрзо да бидеме осудени, а кон оној кој што во моментот е донесен да биде премиер, таму треба до бескрај судењето да се одложува и да заврши во негова полза“ - изјави Груевски.

 Од друга страна, поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски,  кој требаше да сведочи како оштетен во едниот предмет, го обвини Груевски  дека преку неговите адвокати наоѓа начин да ги одложува рочиштата. Рачните камери денеска беа резервирани за судењето против дедото на Тамара, па поради тоа судот процени дека  нема услови  процесот против Груевски да се одржи.

„Бидејќи за овој случај Груевски ги злоупотреби верниците, но оние вистинските, не оние што кршеа пред општина Центар му се случи на Св. Никола да има две судења. Колку и да се обидуваат да ги пролонгираат рочиштата, правдата иако е спора, сепак е достижен“ - изјави Жерновски.

 И судскиот процес за „Траекторија“, беше одложен бидејќи судијата Горан Бошевски  треба да се произнесе по барањето на адвокатите, да  добијат околу 315 прислушувани разговори. Специјалната обвинителка Лиле Стефанова  смета дека постои опасност од нивна злоупотреба ако се изнесат од судот или СЈО и единствено таму обвинетите можело да ги слушаат. Но, според СЈО во истрагата Груевски не сакал да ги слуша бомбите во нивните простории.  Токму ова ги потврдило сомнежите  дека разговорите кои специјалното обвинителство ги добило од Зоран Заев се контаминирани.


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.