Истрага за смртта на двегодишното девојче

12.10.2017 | 17:15
Прочитано: 1297

Одговорноста за смртта на двегодишната Анастасија Маркоска од Охрид обвинителите ќе ја бараат во болницата. ТВ 24 дознава дека деновиве ќе се сослушуваат лекарите од детското одделение, ќе се истражува и дали се точни информациите дека без направени крвни анализи со денови го лекувале девојчето со терапија против вироза. Случајот целосно ставен под лупа.

Детално ќе се чешлаат и доказите, но ќе се вештачи и терапијата информира јавното Обвинителство.

„По пристигнување на бараните Извештаи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид утврди дека постојат елементи на сторени кривични дела кои за последица ја имале смртта кај девојчето. Во периодов што следи, обвинителството ќе превзема дејствија во насока на утврдување на факти и нивната причинско-последична поврзаност,а со цел утврдување на поединечна кривична одговорност на лицата инволвирани во настанот."- ОЈО.

Од болницата пак велат дека иако најавен- налог за повторно вештачење на случајот не добиле, но дека се подготвени да соработуваат со обвинителите со цел што побргу да се открие причината и виновникот кој предизвика труење во крвта кај малото дете. Директорката Славица Малеска во телефонски разговор вели дека е затекната од обдукцискиот извештај поради тоа што првично и лекарите, но и министерството процениле дека не станува збор за лекарска грешка. Сепак уверува дека доколку се докаже дека причината за смртта е погрешна терапија на докторите кои таа кобна вечер дежураа на детското одделение, ќе има ригорозни санкции.

Двегодишната Анастасија Маркоска почина на 27 август на детското одделение. Неколку дена беше лекувана со терапија против вироза и пуштана на домашно лекување. Првично и болницата и министерството за здравство информираа дека во случајот нема лекарска грешка, но обдукцискиот извештај пред два дена покажа дека девојчето починало од сепса поради белодробна инфекција која се проширила и предизвикала труење во крвта. Од ОЈО дополнуваат дека по прибирање и разгледување на сите вербални и материјални докази, ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за која јавноста ќе биде известена.


Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.