Иванов се уште не го потпишал ребалансот на буџетот

13.08.2017 | 09:29
Прочитано: 4864

Ребалансот на буџетот шести ден стои во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов непотпишан. Утре е крајниот рок до кога тој треба да го стави својот потпис, но најверојатно Иванов е на одмор надвор од државата.

Од кабинетот на претседателот Џафери велат дека доколку Иванов го пропушти рокот, треба на писмено да го извести Собранието за причините зошто не ставил потпис на ребалансот.

Министереството за финансии соопшти дека ребалансираниот буџет во Собранието беше усвоен во неделата, а Иванов има рок од седум дена да го одобри. 

„Очекуваме претседателот Иванов најдоцна до утре да го потпише указот за ребалансот на буџетот.  Откако ќе го потпише законот, тој излегува во "Службен весник" по што истиот стапува во сила. Законите се објавуваат најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување. Овие седум дена за ребалансот истекуваат в недела“, велат од Министерството за финансии.

Дознаваме дека на собраниските служби кои побарале објаснување од кабинетот на Иванов, им било кажано дека претседателот со владиното авионче се враќа во недела и сепак во рокот ќе го потпише ребалансот. До нив нема официјално соопштение каде деновиве се наоѓа претседателот на државата.

На веб страницата на претседателот, нема  известување дека Иванов е на пат, ниту пак има соопштение дека е на годишен одмор со семејството. Но неговиот портпарол преку телефонска порака ни кажа дека ребалансот ќе биде потпишан во законскиот рок, а информацијата за користење на владиниот авион е лажна.

Со ребалансот на буџетот државните институции ќе имаат четириесет и седум милиони евра помалку за трошење.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.