Јункер: Ја вративме Европа во Унијата

13.09.2017 | 11:15
Прочитано: 483

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер денеска во своето редовно годишно обраќање пред Европарламентот „За состојбата на Унијата“, изјави дека ЕУ во последниве години успеала да ја поврати довербата.

„Ние ја вративме Европа во Унијата и Унијата во Европа“, порача Јункер пред европратениците во Стразбур.

Јункер натаму рече дека „ветерот повторно дува во едрата на Европа“ и дека континентот станува се пообединет и добива на економско значење по одлуката на Велика Британија за истапување од блокот.

„Сето ова ме наведува да верувам дека ветерот се враќа во едрата на Европа“, нагласи Јункер.

Претседателот на Европската комисија истакна дека Европа сега има „прозорец на можности“, но предупреди дека тој прозорец нема да остане отворен засекогаш.

„Да го искористиме залетот колку што можеме повеќе, за да го уловиме ветерот што ни дува во едрата“, рече Јункер, апелирајќи да се искористи моментот на зајакнување на единството и на економскиот раст на ЕУ за натамошен напредок.

Како области на кои ќе се фокусира Европската комисија во преостанатите 16 месеци од нејзиниот мандат, Јункер ги наведе јакнењето на трговската програма на ЕУ, новата индустриска стратегија, борбата против климатските промени и прашањето за миграцијата.

„Време е да се постави курс за иднината“, рече претседателот на Европската комисија и ги повика сите членки на ЕУ да продолжат со разговорите за различните сценарија за иднината на Европската Унија, како и да преминат на конкретни акции по ова прашање.

Тој изрази жалење поради одлуката на Велика Британија за истапување од ЕУ, но нагласи дека тоа не е патот на иднината на Унијата.

Јункер во обраќањето се спротивстави на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за носење заеднички буџет на Еврозоната и за формирање на посебен парламент на членките на ЕУ кои го користат еврото како национална валута.

„Не ни требаат нови институции на ЕУ“, рече Јункер.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.