Ќе ги исполни ли владата желбите на Ердоган?

16.07.2017 | 17:45
Прочитано: 8391

Новата влада ќе ги разгледа барањата на Турција, за затворање на организациите кои се поврзувата со  движењето на Фетула Ѓулен.

Но ќе решава и дејствува исклучиво според законските регулативи. Вака од Илинденска број 2 го коментиратат повикот  што вчера го испрати официјална Анкара, Македонија да ги затвори организациите поврзани со Фетула Ѓулен. Од Владата не прецизиратат што конкретно ќе значи постапувањето по законите, но и кои закони ќе ги применат. 

„Владата секојдневно прима  различни видови пораки и барања кои пристигнуваат на наша адреса од голем број држави со кои имаме изградено билатерални и пријателски односи. Потенцираме дека решенијата ќе бидат исклучиво во рамките на законските прописи во Македонија“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Амбасадорката на Турција  која вчера на прославата ја пречека владината делегација, во говорот ги  потсети  дека претходната влада донела одлука за прекинување на активностите на фирмите поврзани со Ѓулен, но не биле направени поконкретни чекори,  а токму тоа Турција го очекува од кабинетот на Зоарн Заев. Кара вели дека односот на Турција кон Македонија ќе зависи од односот на земјава кон организациите поврзани со Ѓулен.

„Многу е битно да никаков начин да не бидат поддржани претставниците на Фето во Македонија. Во претходниот период беше донесена одлука за окончување на активностите на организациите приврзани на Фето во врска со пренесувањето на нивните училишта на фондацијата за образование Маариф, како што тоа е направено во повеќе пријателски земји, за жал не е направен соодветен чекор. Големи се нашите очекувања од Македонија“, изјави вчера Тулин Еркал Кара – Амбасадорка на Р.Турција во Македонија. 

Поранешната Влада предводена од премиерот Емил Димитриев расправаше за барањата на Р.Турција на затворена седница, но до сега не е објавено какви одлуки биле донесени. Минатата година, тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски изјави дека има одлука за фирмите на Ѓулен регистрирани во Македонија, но не даде јасен одговор на прашањето што одлучила македонската влада тогаш по барањето на Турција.  

„Во однос на нивните барања за определен дел однив Владата има донесено одлуки на затвоена седница, и институциите ќе постапуваат“ изјави Попоски на 17-09-2016.

Кон крајот на јули минатата година турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето на Ѓулен, но Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање. Турската агенција Анадолија објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен, на кој беа седум училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. 

Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица, а следат неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, туристичката агенцијата „Башак“, транспортната компанија „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР во Скопје.

 

Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.