Кривична пријава за екс директорот на Фени

06.12.2017 | 20:00
Прочитано: 4119

Неверојатни 51,5 милиони долари испумпал во странство екс директорот Јусуф Миракхмедов од сметката на Фени, објави денеска финансиската полиција. Наместо да наплати, Миракхмедов простил долг од преку 50 милиони долари, кој фирмата Кунико маркетинг од Дубаи го имала кон Фени. Оваа компанија, во сопственост на поранешниот газда на Фени Кунико Ресурсис, го купувала фероникелот од комбинатот.

„На ваков начин, спротивно на законските прописи наместо да се наплатат паричните побарувања извршено е прелевање на капиталот од Фени индустри АД Кавадарци кон компанијата Кунико маркетинг. И двете компании во сопственост на Кунико ресурсис со што предизвикал штета на Фени индустри АД Кавадарци  во вкупна вредност од 51.505.526 американски долари“, вели Арафат Муареми – директор на Управата за финансиска полиција

И додека се испитува криминалот, постапката за продажба на Фени продолжува. Швајцарскиот Фос асет менаџмент денеска потпиша меморандум за разбирање со трите банки доверители. Компанијата депонирала три милиони евра кај банките, ветила преземање на сите долгови, нови инвестиции и сигурна работа за вработените. До денеска истекува рокот и за други заинтересирани инвеститори. Ќе има ли нови понуди, ќе се знае утре. Вработените ги прекинаа блокадите. Стечајниот управник им вети ноемвриска плата, но тие денеска не ја добија, иако банките обезбедиле пари.

„Првиот чекор кон стабилизација е исплата на платите на вработените, за што е почната процедура за пресметка. Врботените ќе примат плата и ќе потпишат договори за вработување, без прекин на стаж, континуитетот ќе биде запазен, со што во целост се заштитени нивните пава“, вели Мирослав Анастасиевски – стечаен управник на Фени

Решение бараат и превозниците, кои девет месеци не зеле ни банка од Фени. Извори од комбинатот за Телевизија 24 велат дека денеска фабриката се подготвувала за производство.


Владимир Тевчев
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.