ЛШ: Деби на Ристовски, Барселона убедлива против Јувентус

13.09.2017 | 11:02
Прочитано: 994

Македонскиот фудбалски репрезентативец Стефан Ристовски го забележа првиот настап во елитната Лига на шампионите и првите минути во дресот на Спортинг. Синоќа во Атина, на мечот Олимпијакос – Спортинг влезе од клупата за резерви во 87. минута. Неговиот тим тогаш веќе имаше водство од 3-0, а до крајот прими два гола за конечни 2-3.

Дерби на колото беше вториот меч од истата група Д, Барселона против Јувентус, реприза на четвртфиналето од април, кога „Старата дама“ ги елиминира Каталонците, но сега ја стигна одмаздата. Барселона славеше со 3-0, погоди Меси во првото полувреме, во вториот дел Ракитиќ и уште еднаш Меси го поставија конечниот резултат.

Во групата А, Манчестер – Базел исто така заврши со 3-0. Стрелци беа Фелаини во првиот дел, Лукаку и Рашфорд во вториот. Во вториот дуел од оваа конкуренција изненадување во Лисабон, Бенфика – ЦСКА Москва 1-2 и тоа со пресврт, откако домаќините прво водеа.

Во Б-групата, Европа го виде на дело новиот тандем на ПСЖ, Нејмар-Мбапе, а токму тие ја почнаа стрелбата на гостувањето кај Селтик. Отвори бразилецот, продолжи францускиот тинејџер, до крајот на првиот дел погоди и Кавани. Во продолжението Лустиг си даде автогол и Кавани вторпат реализираше за конечни Селтик – ПСЖ 0-5.

Баерн Минхен беше нешто помилостив со Андерлехт, иако Белгијците играа со десетмина по 11. минута. Левандовски отвори, Алкантара и Кимих го дополнија во вториот дел за финални 3-0.

Во Ц-групата се играше второто дерби на вечерта, Рома против Атлетико, но разочараа, останаа без голови, затоа во истава група се одигра најефикасниот меч, Челси – Карабак 6-0. Сите шест гола ги постигнаа различни играчи: Педро, Запакоста и Аспиликуета во првото полувреме, Бакајоко, Батшуаи и Медведев со автогол ја комплетираа листата во вториот дел.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.