Македонија оди на Европско, Чешка „распарчена“ во Скопје!

18.06.2017 | 23:39
Прочитано: 4317

Македонија е дел од Европското првенство во Хрватска и тоа не како било, туку како првопласирана од групата 4 во квалификациите. Правевме математики и за најлошото сценарио и со нерешено и со пораз, но македонските ракометари покажаа дека на ум им беше само една работа – победа над Чешка.

Ја совладавме е преблаг збор, ја распарчивме пред очите на околу 6.000 Македонци со огромни 33-20. Решеноста на црвено-жолтите ракометари се виде во агресивната и компактна одбрана од стартот, со повратникот Јоноски во зоната 6-0. Плодот дојде дури по 15. минута, кога со серија од 4-0 се одлепивме на 12-7. Брилјираше Кире Лазаров со 9 од 10 во првиот дел, па и Борко Ристовски со седум одбрани, од кои еден седмерец и тоа беа клучните фактори за водството од 16-10 на паузата.

Вториот дел го почнавме уште посигурно, без ниту минутка осцијлација во играта. Борко продолжи да ги фрустрира противничките голмани, па веќе до кај 45. минута ги нареди своите 14 одбрани. Токму тогаш првпат достигнавме двоцифрена предност, 25-15, која до крајот ја одржувавме, па дури ја протегнавме и до највисоките плус 13 во конечниот резултат.

Раул Гонзалес им даде шанса на сите ракометари од клупата, но неспоредливо највлијателен беше Лазаров со 11 гола од 12 удари. Шест имаше Дејан Манасков, четири Жарко Пешевски, а Никола Митревски на голот продолжи онаму каде што застана Борко, со шест одбрани за 15-тина минути, од кои еден пенал.

Македонија со седум бода завршува прва во групата, Чешка е втора со шест, толку има и Исланд кој вечерва ја победи Украина и како најдобра третопласирана репрезентација исто така се пласира на ЕП. Ова ќе биде шесто ЕП за Македонија и седми голем собир едноподруго. Кои ќе ни бидат противниците ќе дознаеме на ждрепката на 23 јуни, во која Македонија ќе почне од вториот барабан.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.