Македонската железница во бојкот

17.02.2017 | 20:33
Прочитано: 2678
Возовите на Македонски Железници денеска не сообраќаа. Вработените протестираат затоа што веќе два месеци не земале плата. Околу 1.500 вработени, од администрацијата до машиновозачите, не примиле плата и придонеси за декември и јануари. Проблемот се повторува со години, поради што вработените предупредуваат дека ќе следи генерален штрајк. 
 
На Железничката станица во Скопје денеска патници безнадежно ги очекуваа возовите. 
 
Вработените за одржување на возовите одбиваат да ги извршуваат работните задачи. Дополнително револт кај нив се појавува поради мизерните услови во халите на МЖ-Транспорт. Денеска сообраќаа само два воза, но по влегувањето во депоата за одржување, тие нема да излезат се додека, вработените велат, не ги добијат заработените плати.
 
„Ставот на сите вработени е додека не се исплата платите ќе се продолжи со протестот. Ќе бидеме тука и денес и утре се додека не се исполнат нашите барања“ - вели Ѓоко Илиевски од Иницијативен одбор за протест
 
„Вработените се револтирани, камати плаќаме, извршители, никој не те прашува дали имаш сметки за плаќање, се јавуваат извршители“ - вели Латко Јовановски, претседател на Независен синдикат на машиновозачите
 
На протестот му се приклучија и синдикалните организации на железничарите. Вработените се соочуваат со егзистенцијални проблеми, не можат да си ги подмират сметките, имаат притисоци од извршители и прекини на здравственото осигурување, посочуваат синдикалците. Раководството на МЖ Транспорт денеска не даде објаснување за проблемот. Генералниот директор не одговараше на повиците, а раководителот на секторот за односи со јавност рече дека нема овластување да даде одговори.

Маја Васева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.