Не запираат реакциите кон Министерството за култура

13.02.2018 | 18:04
Прочитано: 1077

Не стивнуваат реакциите за годишната програма на министерството за култура. Големо незадоволство во јавноста од избраните проекти, но и поплаки од проектите кои не беа избрани. Финансирањето според многумина е проблематично, дел од нив прашуваат која е логиката да се финансираат непознати артисти.

„Ако Министерството за култура е спремно да поддржи снимање на компакт диск кој е ставен под камерна музика со 200 000 денари, а Тамара Тодевска со 80 000 денари, имаме афирмиран изведувач, наспроти дете од 12 години, има многу нелогични делови“ - вели Џон Илија Апелгрен.

Најсилни реакции во јавноста предизвика одлуката на министерството да додели средства на малиот Виган Максути. На социјалните мрежи се огласи и „Меѓаши“, бараат одговори од министерството, зошто проектот е финансиран.

„Би сакале да укажеме дека облекувањето на деца во воени униформи не придонесува кон градење МИР и подобар свет за децата. За одлуката на Министерството за култура на Република Македонија пак, очекуваме да се произнесе на кој начин и зошто токму овој проект е финансиран.“ - велат од Меѓаши.

Од министерството пак за ТВ24 децидни дека нема да финансираат проекти кои поттикнуваат раздор и нетрпеливост меѓу граѓаните. Во однос на реакциите во јавноста за висината на парите кои биле доделени на Максути, велат дека се работи за техничка грешка, и не гледаат корелација меѓу минатото на изведувачот со доделените средства.

„Наша цврста заложба е да обезбедиме силна поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите. Колку што сме ние запознаени, Виган Максути е изведувач на песна за Адем Јашари, која е снимена пред неколку години.  Не гледаме корелација помеѓу минатиот опус на изведувачот и средствата. Во однос на зголемувањето на средствата за носачот на звук, се работи за превид, односно техничка грешка кај објавената сума за висината на побараните и одобрените средства. Таа ќе се коригира откако Комисијата ќе ја разгледа повторно апликацијата.“ - велат од Министерство за култура.

Објавената годишна програма на министерството предизвика силни реакции во јавноста откако се обелодени дека членови на комисиите, дополнително учествувале и на проекти кои добиле поддршка од министерството. Проектите кои беа одбиени за годишната програма на министерството сега имаат право на жалба во рок од 15 дена.


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.