Нема реагенси, институциите со меѓусебни обвинувања

17.10.2017 | 18:31
Прочитано: 810

За проблемот со недостатокот со реагенси потребни за испитување во здравствените установи – институциите си ја префрлаат топката. Додека дел од здравствените установи, но и Здружението на гинеколози прстот го вперија во Советот за јавни набавки како кочничар за набавките, од Советот за јавни набавки со контраобвинување.

Во допис за Телевизија 24 велат дека вината не е кај нив и порачуваат институциите навремено да ги преземаат потребните чекори за набавките.

„Укажуваме дека Министерството за здравство постојано вината за својата неажурност ја бара кај други институции и органи наместо да согласно законот и позитивните законски прописи презема дејствија навремено и во пропишаните рокови со цел да пациентите ја добијат потребната услуга.“ - се вели во реакцијата на Советот за јавни набавки.

Претходно пак Здружението на гинеколози и Министерството за здравство за недостатокот на реагенси но и други лекови го обвинија токму Советот за јавни набавки.

„Имаме потешкотии со нив, но ги решаваме не само за овој проблем и за други и се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик во интерес на пациентите.“ - вели Гоце Чакаровски – Заменик министер за здравство.

„Оправданието на раководителите на тие институции е дека постои некој Совет кој треба трипати да се погали и трипати да се нахрани да даде дозвола за тендер.“ - вели д-р Душко Филиповски – Претседател на Здружение на гинеколоз.

Советот за јавни набавки до Телевизија 24 испрати и четири решенија со кои дава согласност за набавка на бараните реагенси од Институтот за јавно здравје, Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ и Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство. При тоа се објаснува дека кај една согласност е одговорено во рок пократок од законскиот, додека во друга набавка дадена е согласност без да се бараат дополнителни стручни мислења односно без да се направи дополнителен трошок на институцијата која ги набавувaла реагенсите.

Сепак, она на што реагираат институциите, е тоа што откако ќе побараат согласност потоа документацијата неколкупати им се враќа назад, за што во дел од случаите се прави и дополнителен трошок, а истовремено се одолговлекуваат и постапките поради што се случува набавката на потребните лекови, реагенси или медицински материјал да доцни а тоа е на штетета на пациентите и здравствениот систем.


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.