Незгодна група и познат носител за македонските одбојкари

12.10.2017 | 19:24
Прочитано: 1017

Oдбојкарската репрезентација на Mакедонија ја доби следната мисија, пласман на Eвропското првенство во 2019 година. За да го направи тоа, потребно е да победи или да оствари поволен пласман во квалификациската група Ф, која ја доби на денешната ждрепка, во Луксембург.

Противници на Македонија се Украина како носител, Унгарија и Швајцарија. Украинците ни се познат ривал, затоа што токму тие ја спречија Македонија да дојде до историска титула во Европската лига, ова лето, совладувајќи ја во финалето со 3-1 во сетови. Ова ќе биде шанса за реванш, а таква спортска одмазда би претставувала освојување на првото место во групата Ф. Само тоа води директно на ЕП, заедно со останатите шест победници од групите, но и со уште петте најдобри второпласирани екипи.

Затоа, важно ќе биде да не се губат бодови во дуелите со екипите кои дојдоа од третиот и четвртиот шешир, Унгарија и Швајцарија. Со нив не сме играле компетитивен натпревар, барем не во последните десетина години и претставуваат мала непознаница, особено Швајцарија, како (условно) аутсајдер.

Првите натпревари се играат на 15 август 2018 година, Македонија ќе почне со Унгарија на гости, а со неа и ќе заврши, на домашен терен, на 9 јануари 2019. Првенството ќе се одигра во септември таа година, а земји-домаќини се Холандија, Белгија, Франција и Словенија.

Како и квалификациите и првенството ќе има нов, проширен формат, со 24 наместо 16 репрезентации. Покрај четирите домаќини, директен пласман веќе имаат и актуелниот шампион Русија, Италија, Чешка, Србија, Бугарија, Полска, Германија и Турција, благодарение на својот рејтинг. Токму затоа квалификациите носат само 12 билети за шампионатот.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.