Нова инспирaција, нови дела - Отворена изложбата „Континуум“ во Битола

06.03.2017 | 15:33
Прочитано: 1150

Мултимедијалниот проект „Континуум“ на уметникот Игор Јосифов во саботата беше отворен во уметничката галерија „Магаза“ во Битола, а ќе може да се погледне до 11 март. Токму „Магаза“ е и финалната локација од презентацијата на овој проект на македонска територија, а во месец април ќе биде поставен во „Defibrillator Performance Art Gallery“ во Чикаго, САД.

„Континуум“ како што кажува и самиот наслов е еден вид продолжување, а со секое следно презентирање се збогатува со нови дела, како и проширување на листата на арт-филмови кои дополнително ја дообјаснуваат работа на уметникот. 

Покрај видео проекцијата на филмовите и делата создадени од огнената рефлексија на хартија и платно, изложбата содржи и портрети изработени од стакло и керамика. Предизвикувачки се и креативните живи-настапи на Јосифов, кога присутните имаат можност да погледнат како се создава дело од огнената рефлексија. Токму на отворањето во „Магаза“ преку неговиот уметнички перформанс беше создаден уште еден примерок кој ја дополни колекцијата на „Континуум“.

Овој мултимедијален проект го комплетира десетгодишното пријателство меѓу Јосифов и огнот и претставува еден вид патување на себеистражување и слобода на уметникот.  

Отворањето на изложбата во Битола беше проследено со музичка поддршка на Никола Илиевски (Роботникс) кој подготви специјален диџеј сет во корелација со темата „Континуум“.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.