Нова истрага за хеликоптерската несреќа кај Блаце

12.01.2018 | 18:09
Прочитано: 1355

Дилемите за хеликоптерската несреќа во која пред десет години кај калтановско Блаце загинаа претставници на АРМ, ќе ги расчистува новиот јавен обвинител. Податоците и извештаите ќе бидат предадени на обвинителството.

„Сите податоци и сите извештаи кои што се достапни до Министерството за  одбрана ќе бидат предадени до новиот јавен обвинител, доколку се уште постојат дилеми за кои што слушаме, ги гледаме околу причините кои доведоа до трагедијата“, вели Радмила Шеќеринска

Скопското обвинителство истрагата за несреќата ја затвори кон крајот на 2011-та година, без кривична одговорност, со образложение дека необученоста на пилотите за управување во сложени временски услови и лошото време биле главните причини за уривањето на армискиот МИ-17.

Десет години по смртта на нивните сакани, приказната за дел од семејствата на трагично загинатите, не е завршена, бараат одговори што ја предизвика хеликоптерската несреќа во која животот го загубија 11 претставници на АРМ кои се враќаа од мировна мисија во БИХ.

Членовите на семејствата на загинатите и по 10 години се жалат дека институциите немаат слух за нивните барања, велат тропнале на сите врати, но одговори не добиле.

„Десет години поминаа, нема кој е крив иако знаеме дека има. Никој не смее ни да истражува. Бев сегде  бев, кај сите кабинети само кај Господ не сум...“, вели Роднина на загинатите

Сеќавајќи се на настанот очевидецот Цветан Јовановски објаснува дека сликата била грозоморна. Вели Хеликоптерот паднал недалеку од неговата куќа, но исто така забележува дека ниту централната, ниту локалната власт, не се грижат за местото е спомен обележје.

„Експлодиран е долу, а значи паднат е горе и лизгање од 200 метри. Да се направи обележје со мермерни плочи, а не вака. Ова личи на гробница, срамота е...“, вели Цветан Јовановски - очевидец

Мировниците животот го загубија враќајќи се од мисија Алтеа во БиХ, а хеликоптерот се урна непосредно пред слетувањето. Претставници на МО и на АРМ свежо цвеќе денеска положија и во командниот центар на мисијата - базата Бутмир во БИХ.


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.