Одложена јавната седница за „Монструм“

12.09.2017 | 17:25
Прочитано: 821

Сите се повикуваат на прислушуваните разговори поврзани со случајот „Монструм“, но ниту една инстутуција официјално не се обратила до СЈО да ги побара овие докази. Прислушуваните разговори беа споменати и денеска од одбраната на осудените на доживотна казна затвор, иако повторно беше одложена јавната сеница во Врховниот суд.

Вршителот на функцијата јавен обвинител Лилјана Спасовска, која го застапува „Монструм“, не сакаше да каже кој треба да ги обезбеди овие докази, иако на првата седница рече дека Врховен е должен да го стори тоа.

Од Врховен пак велат дека Кривичниот совет на чие чело е претседателот на Судот, Јово Вангеловски, по службена должност нема обврска да ги бара овие докази. Одбраната пак и понатаму тврди дека осудените се невини и бараат да се обезбедат материјалите од СЈО.

„Оправдувањето до сега беше несоработката на СЈО со Јавното обвинителство, но сега како што знаеме таквата пречка е отстранета и не знаеме која е и понатаму пречката СЈО да го преземе предметот бидејќи сметаме дека има компетенции да го преземе и ние како одбрана сметаме дека само на тој начин да се дојде до вистината за овој предмет кој очигледно е монтиран и тоа ние познато на сите“, рече Насер Рауфи – адвокат.

„Особено што беше потенцирано од стрна на застапникот на обвинението што е прилично ретка појава тој што гони самиот да бара одложување на неопределено време се со цел за правилно утврдување на фактичката состојба односно за обезбедување на тие докази, а времето ќе покаже каков ќе биде епологот од тоа барање“, рече Сашо Дуковски – адвокат.

Инаку денешната јавна седница беше одложена, бидејќи осудениот Фејзи Азири не беше спроведен од затворот во Штип. Поради тоа било наредено да не бидат доведени ниту останатите петмина осудени кои ја издржуваат казната во други затвори. Надлежните за затворите велат дека проблемот со спроводот не е нов, а во моментов ниту едно возило од Штипскиот затвор не е во функција. Во масакрот кај Смилковското езеро беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и рибарот Борче Стефковски. Шест лица се осудени на доживотна казна затвор, а едно лице беше ослободено. Двајца од осудените, Алил Демир и Африл Исмаиловиќ се уште не се екстрадирани во земјава.


Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.