ОЈО со предистражна постапка за изборите од 2014 и 2016

20.02.2017 | 19:22
Прочитано: 1277
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражни постапки против поранешни високи функционери на Министерството за внатрешни работи и „други физички и правни лица“ од Скопје, Куманово и од Струмица, кои се товарат за кривични дела против изборите. 
 
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  спроведува предистражни постапки за утврдување на постоење на основи на сомневање за организирано извршени кривични дела против изборите и злоупотреби на службените овластувања во вршење на функцијата од страна на поранешни високи функционери на МВР на РМ и други физички и правни лица од Скопје, Куманово и Струмица.“
 
Од ОЈО наведуваат дека покрај предвремените парламентарни избори во 2016 година, под лупа се и изборите во 2014 година. Според обвинителството, постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето за време на изборите.
 
„Делата за кои се водат постапките се вршени во текот на 2014 и 2016 година. Постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела.“
 
Пред два месеци, специјалци влегоа во домот на началникот на СВР Куманово за нааводен изборен криминал. Од МВР тогаш потврдија дека претресот бил спроведен од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамките на предистражната кампања. Минатата недела од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија и дека отвориле постапка против „едно лице – организатор на изборна кампања“, како и против правно лице, за кривично дело злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Во соопштението на Јавното обвинителство и тогаш не беше конкретно наведено за кои лица станува збор.

Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.