Опозициски превирања - жестока дебата на Бихаќка

29.10.2014 | 17:10
Прочитано: 6408

Жестока дебата меѓу дел од пратениците во оставка и лидерот на СДСМ, Зоран Заев се одвивала синоќа на партискиот состанок на Бихаќка меѓу пратеничката група и Извршниот одбор на СДСМ, брифират за 24 Вести извори од синоќешната средба.

Дел од пратениците кои се погласно не се согласуваат со концептот на Заев, барале конкретни одговори што планира раководството,  дали СДСМ има план како да го развива бојкотот, но и за тоа што ако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се согласат на техничка влада.

Му укажале на Заев, според информациите, дека статус кво состојбата само и штети на партијата и СДСМ плаќа на терен.

Дел од пратениците директно го обвиниле Заев и раководството дека немаат концепт и дека партијата е во безизлез.

Побарале ако првиот социјалдемократ е дециден дека единствена опција на СДСМ е бојкотот,  тогаш да го надгради и прошири - и оставки да си поднесат сите градоначалници и советници на СДСМ, вклучително и тој во Струмица.

Според партиски извори, Заев ги убедувал пратениците дека СДСМ мора да опстои на бојкотот и дека, како што рекол, аферата што ја  имале за Груевски, ќе ги сменела драстично работите.

Истите извори тврдат дека, како што велат, имало  и нервозни и високи тонови на релација Заев и дел од сопартијците, а биле искарани да не ги брифираат медиумите за состанокот.

Дел од нив денеска за 24 Вести велат дека по синоќешниот состанок речиси одлучиле дека ќе се вратат во Собранието.

Официјално денеска од СДСМ негираат дека имало нервозна дебата - велат СДСМ била демократска партија во која се слушало различното мсилење, но сите застанале зад одлуката за бојкот.

Доцна синоќа токму тоа го пратија од Бихаќака како официјален став.

„Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски може да ги верификува во секој момент оставките на пратениците од опозицијата, депонирани пред пет месеци. Владејачкото мнозинство е единствено виновно за правната и политичка конфузија во која што се наоѓа Собранието на Република Македонија“, стои во соопштението на СДСМ. 

Критики на опозициското делување имаат и дел од пратениците од коалициските партнери на СДСМ. Тие очекуваат неделава средба со раководството на СДСМ.

Вчера Жерновски и Петковски во заедничко соопштение побараа окрупнување на опозициското делување и додека превирањата во опозицијата се чини земаат замав, од власта и понатаму најава дека постапка за одземање на мандатите ќе почне по истекот на шестмесечното отсуство на опозиционерите.

Оттаму нема одговор зошто Велјановски не ги констатира депонираните опозициски оставки. 


Душица Мрѓа
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.