Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ под хипотека во Комерцијална банка

16.02.2017 | 19:39
Прочитано: 15771
Барокната палата Христо Татарчев ставена под хипотека. ВМРО-ДПМНЕ го заложила партиското седиште само неколку дена пред парламентарните избори – објави Призма. 
 
Палатата е задолжена во Комерцијална банка, а партијата добила кредит од 3 милиони евра. Според објавата во Службен весник, се работи за рамковен риволвинг кредит, што значи дека партијата може и постепено да ги повлекува парите. 
 
Советникот на град Скопје, Марјан Додовски денеска држеше прес конференција во заложената палата, но за одговори на нашите прашања не упати кај партиското раководство. 
 
„Партијата преку соопштение, преку делот за комуникации ќе се обрати до јавноста“ - изјави Додовски.
 
Иво Котевски за ТВ 24 вели дека ВМРО ДПМНЕ ќе ги троши парите за тековни потреби, но не одговори за што поточно ќе се трошат. Котевски рече дека банкараската гаранција докажува дека се е легитимно. Тој не одговори на прашањето колкава е вистинската вредност на зградата, ниту пак на прашањето дали хипотеката е обид да се заштити партиското седиште од евентуално заминување во опозиција. 
 
Инаку, ВМРО ДПМНЕ е најбогатата партија во Европа со повеќе имот од Партијата на Центарот во Шведска и од Партијата СДУ на Ангела Меркел во Германија. Според истражувањето на Скуп, партијата на Груевски има 93 имотни листа за партиски седишта низ Македонија во кои имотни листови се впишани 33.238 метри квадратни објекти, земјоделско земјиште и пасишта. 
 
Ова не е прв пат една партија да го стави своето седиште под хипотека. Во 2011-та СДСМ зема ист ваков кредит од истата банка. Кредитот изнесуваше 1,6 милиони евра, а од партијата тогаш изјавија дека парите биле користени за предизборната кампања. 

Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.