Пелистер против Шкендија во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија

19.04.2017 | 21:47
Прочитано: 1892
Екипите на битолски Пелистер и тетовска Шкендија обезбедија пласман во финалето во фудбалскиот Куп на Македонија. 
 
Фудбалерите на Пелистер забележаа победа со 1:0 против Брегалница во реванш полуфиналниот меч кој попладнево се одигра на стадионот „Тумбе кафе“ во Битола. 
 
Откако првата средба одиграна во Штип заврши нерешено 2:2, благодарение на погодокот на Бразилецот, Лукас Фереира Кардосо во 80-минута Пелистер со вкупен резултат 3:2 се пласира во финалето. 
 
За битолчани ова е прв финален меч по пауза од 16 години, откако во 2001-та во финалето ја совладаа Слога Југомагнат со 2:1. 
 
Тетовска Шкендија ќе има можност да го брани трофејот освоен минатата година, откако во полуфиналето го елиминира Вардар. Иако на денешниот реванш дуел Вардар со голот на Дарко Велковски во 60. минута победи со 1:0, сепак тоа не беше доволно да се анулира негативата од првата средба во Скопје каде тетовци победија со 3:1. 
 
Инаку овој меч го одбележа и подолгиот прекин во првото полувреме, откако судијата Ставрев оправдано им покажа црвени картони на капитените на двете екипи Грнчаров и Хасани, по што дојде до поголема мешаница на теренот, но и обид на дел од навивачите на домаќините да влезат на теренот, по што гостите од Скопје се повлекоа во соблекувалните. Сепак во продолжението мечот мина без инциденти. 
 
Финалниот натпревар на Купот на Македонија, Пелистер и Шкендија ќе го играат на 17 мај.

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.