Почина музичката легенда Чак Бери

19.03.2017 | 03:20
Прочитано: 4801

Почина Чак Бери, еден од основачите на рокенрол музиката. Полицијата во Мисури добила повик од неговиот дом и го пронашла без знаци на живот. 90 годишниот музичар директно влијаеше на музиката на „Битлс“, „Ролинг стоунс“ и „Бич бојс“ и беше еден од првите музичари примени во Рокенрол салата на славните.

Во 1984 година доби Греми за животно дело. Негови најпознати хитови се „Џони Би Гуд“, „Рокенрол музика“, „Назад во САД“, „Мемфис, Тенеси“ и „Мејбилин“. Особено хитот „Џони Би Гуд“ е песна која најмногу е користена во филмовите, а во 1977 година токму овој хит е вметнат  во вселенската сонда „Војаџер“ како порака од Земјаните за можните вонземјани. Овој хит од 1958 година, повторно доживеа неколку преработки, благодарение на филмот на Стивен Спилберг „Враќање во иднината“ од 1985, во кој Мајкл Џ. Фокс го изведува овој хит во 1955 година на матурската прослава на неговите родители, три години пред хитот да биде создаден.

Роден е како Чарлс Едвард Андерсон Бери во 1926 година, а професионалната кариера ја започнал на 26 години. Се смета за еден од татковците на рокенролот и еден од најдобрите гитаристи, беше препознатлив по посебниот сценски настап и стилот на свирење гитара секогаш проследен со импровизации во стилот и начинот на изведувањето. Беше музичар кој не сакаше строго да се држи до сценските перформанси, едноставно за секој настап измислуваше сопствен стил.

Во 1962 година, Бери одлежа тригодишна затворска казна, поради тоа што тајно помогнал на 14годишна девојка да ја премине границата од Мексико во Америка. Во тој период, сними и неколку хитови, но успехот на „Џони Би Гуд“ како да му ја запечати кариерата, па не успеа со ниту една песна од шеесетите да го повтори успехот.

Долго време од здравствени причини не настапуваше, а сакаше јубилејно да го прослави роденденот со новиот албум „Чак“, кој годинава постхумно ќе биде објавен.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.