Почина славниот холивудски комичар Џери Луис

21.08.2017 | 10:39
Прочитано: 5281

На 91 година, денес во Лас Вегас, почина кралот на комедијата на Златното време на Холивуд, Џери Луис. Роден како Џозеф Левич во еврејско семејство, Џери Луис од раната младост се посвети на комедијата, најпрвин преку скечеви во локалните барови, за да подоцна премине на големиот екран.

Препознатлив по откачениот хумор, во педесетите години заедно со колегата Дин Мартин беа најпопуларното филмско дуо. Од 1949 со филмот „Мојата пријателка Ирма“, Мартин и Лус, снимија 16 заеднички филмови, во кои Дин се истакнуваше со неговата шармантност кон жените и изведбата на песните со кои ги шармираше, додека публиката се смееше со откачените згоди и незгоди. Луис одамна ја знаеше желбата на жените за совршен маж, затоа го напиша сценариото за филмот „Откачениот професор“ во кој глуми професор по хемија кој измислува формула со која од приглуп професор станува вистински шармер. Овој филм, многу подоцна ќе доживее и римејк со Еди Марфи.

Освен како актер, Луис истотака беше успешен и како пејач. Три негови песни се искачија на топ листата на Билборд. Во 1956 заврши неговата соработка со Дин Мартин и Луис започна соло кариера. Остана пријател со Мартин и му помогна во креирањето на ликот на Сем Хармон во оригиналниот филм од 1960, „12-мина на Оушн“. Со Дин долги години не зборуваа се до 1987 кога се смирија на погребот на синот на Дин Мартин. Во 1989 настапија и заедно во казиното во хотелот Бејли, што беше и последна изведба на Мартин, кој почина во 1995.

Беше главен актер во филмовите на Френк Ташлин како што се „Гејша бој“ и „Пепелашка“. Стана и редовен професор на универзитетот во Калифорнија. Девет години отсеуствуваше од филмското платно, за да се врати со улогата во филмот „Тешко работење“, а во 1983 Мартин Скорсезе го ангажираше во филмот „Крал на комедијата“ и во 1991 беше дел од актерската екипа на „Аризона дрим“ на Емир Костурица. Приватно, Џери Луис беше женет двапати. Со Пети Пармер беше во брак 26 години, а со втората сопруга Сан Ди Питник беше во брак од 1983. Со првата сопруга имаше шест деца од кои едно посвоено, а најмладиот син Џозеф почина во 2009 од предозирање со дрога. Со втората сопруга посвои уште едно дете.

Луис беше голем активист за правата на лицата со посебни потреби и за своето хуманитарно шоу за миопатијата, доби и номинација за Нобеловата награда за мир. Иако, во текот на кариерата освои многу награди, вклучувајќи и Златен Глобус за животно дело, никогаш не доби Оскар.

Луис почина денеска во Вегас од природна смрт. По него во Холивуд долго време немаше дораснат комичар од негов калибар, се до деведесетите години, кога и самиот Луис призна дека е среќен што дочекал да види свој наследник во откачениот комичар Џим Кери. Како што изјави Луис, движењата на Кери во филмовите го вратиле во младоста кога вежбал пред огледало за секоја улога во која се барало да има што посмешна фаца.

„Јас вежбав со часови пред огледало да направам што поглупаво и посмешно лице, а Кери тоа го прави природно. Тој е моја совршена верзија. Јас со часови смислував скечеви, а ова момче само ставете го пред камера и ете ви го скечот“ - изјави Луис.

Ѕвездите на Твитер изјавуваат соучество на неговото семејство, а датумот на погребот на Луис дополнително ќе биде објавен. 


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.