Почнува највозбудливата фудбалска приказна во Европа

12.09.2017 | 18:08
Прочитано: 859

Поставена е сцената за уште една приказна на фудбалската елита од Европа. Лигата на шампионите почнува вечерва со првите натпревари од групите А, Б, Ц и Д. Претходната сезона заврши со преседан, Реал Мадрид стана првата екипа која ја одбрани титулата.

На „кралевите“ ќе им биде ужасно тешко да освојат трет пехар по ред, нешто што, покрај тие самите, го направиле уште Баерн Минхен и Ајакс, но во 70-ите.

Модерниов фудбал го движат парите, а тие сега се прво оружје на многу екипи. Најатрактивен предизвикувач ќе биде ПСЖ, кој летово потпиша два договора за вкупно 400 милиони долари. Ги доби Нејмар и Мбапе и сега ја има најзастрашувачката напаѓачка линија во светот. Никако не смее да се изостави Барселона и покрај сомнежите за тоа како ќе функционира без Нејмар, но тука е Меси. Тој има и лична војна за водење, со Кристијано Роналдо, за најдобар стрелец во историјата на елитната конкуренција. Португалецот има 105 гола, Меси 11 помалку.

Ќе имаат што да кажат и премиерлигашите. Манчестер јунајтед се врати во кремот гладен за победи, предводен од Жозе Мурињо, кој веќе има два „пехари со уши“ со Интер и со Порто. Не помалку шанси имаат и Челси и Манчестер сити, а секој, пак, што би ги отпишал Баерн и Јувентус историјата ќе го поучи дека многу се лаже.

Сезонава ќе биде дебитантска за Карабак и за Лајпциг, а за нас интересна и од една друга причина. По две години пауза Македонија повторно ќе има свој фудбалер, во Стефан Ристовски, кој можеби уште вечерва ќе дебитира за Спортинг, на гости кај Олимпијакос.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.