Потврдени притворите

07.12.2017 | 18:34
Прочитано: 1914

Пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов остануваат во притвор, а Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска во куќен притвор. Кривичниот совет на скопска „единица“ попладнево соопшти дека има одлука, по жалбите на нивните адвокати. Дополнително ќе се одлучи и за пратеникот Сашо Василевски кој е во истражниот затвор Шутка откако пред два дена судија на претходна постапка му определи притвор.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое решенијата на судија на претходна постапка со кои беше прифатен предлогот на надлежното обвинителство за определување мерка притвор за К.М. и Љ.А. како и мерка куќен притвор за Ј.Т и Ж.П. ги потврди во целост.“

Љупчо Димовски останува во куќен притвор и за него не се одлучувало во советот бидејќи тој не се жалел на оваа мерка, иако најавите на неговата одбрана беа дека ќе има жалба.

Во меѓувреме и Апелацискииот суд пресече дека актерот Владо Јовановски и режисерот Борис Дамовски остануваат во притвор. Оваа мерка останува да важи и за Горан Ѓошевски, некогашниот шеф на обезбедување на Трајко Вељаноски, потврдуваат од Апелација.  Нивните адвокати денеска на јавната седница  аргументираа дека притворот бил казна за осомничените.

Адвокат Ставре Џиков- Пред малку го посетив мојот клиент Јовановски. Целта на истрагата ќе се постигне со други мерки, кои нема да наштетат на постапката, не треба да се определи притвор на толку луѓе само од формална страна.

Од друга страна обвинителството не се откажуваше од барањето за притвор на Дамовски и Јовановски.

Во истражниот затвор Шутка се притворени 25-мина осомничени за насилствата од 27 април, и сите одговараат засега за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Како што вчера објави ТВ 24 Мукоски штрајкува со глад во знак на револт, поради кривичното дело кое му се става на товар.  


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.