Премиерот Заев и премиерите од Западен Балкан утре на средба со Могерини

17.12.2017 | 18:22
Прочитано: 1068

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, утре во Брисел, по трети пат на маса ќе ги седне премиерите од западен Балкан. Главната тема на оваа средба, според најавите, ќе биде стратегијата на Европската комисија, која се очекува да биде објавена во февруари, а од која лидерите од регионот очекуваат да ја утврди политиката на Унијата кон Балканот во наредните неколку години.

„Европската унија е посветена на засилување на ангажманот кон земјите од регионот со цел да обезбеди шесте држави од Западен Балкан да ги преземат потребните чекори за нивното напредување кон ЕУ да стане неповратно“ пишува во соопштението од ЕУ.

Од Владината прес служба до сега официјално не потврдија дали и премиерот на Македонија ќе присуствува на средбата. Сепак извори од Владата, за ТВ24 брифираат дека Заев веќе и го потврдил своето присуство на Могерини, а официјални детали за средбата се очекуваат по состанокот, откако тој ќе се врати од Брисел.

Очекувањата пак, на дел од аналитичарите се дека на средбата ќе се потврди вметнувањето на Македонија во стратегијата на ЕУ.
 
„Македонија беше приказната којашто ЕУ сака да ја промовира преку успешно справување преку демократски процеси и избори со авторитарни режими. Тоа беше приказна која се промовираше како лекција за сите. Оттаму јас очекувам дека разговорот ќе води во насока на вклучување на Македонија во стратегијата и тоа повидливо вклучување. Меѓутоа не очекувам дека тоа ќе биде завршена приказна, приказната ќе заврши тогаш кога ние ќе ја завршиме приказната“, изјави Андреја Стојковски – Евротинк.

Идната година ќе биде клучна за Македонија и за нејзината европска иднина. Ова беше пораката од Европската комисија до земјава. Според Стојковски, тој период треба да се искористи за промени на домашен план, доколку евроинтеграциите се врвен приоритет на владата.

„Ние можеме да ги зграпчиме сите можности кои ни стојат на располагање и се отвараат пред нас. Добрососедските односи се далеку помала приказна во овој момент како што беа минатата година или години наназад. Внатрешните процеси и реформите внатре ќе бидат оние коишто ќе ја донесат Македонија побрзо до ЕУ, а не надворешната политика“, вели Стојковски.

По утрешниот состанок, би требало да се знае дали земјава ќе биде дел од стратегијата заедно со Србија и Црна Гора – две држави од регионот за кои првиот човек на Европската комисија, Жан-Клонд Јункер најави нивно можно влегување во Унијата до 2025 година. Сепак, неизвесно останува дали 28-те земји членки ќе дадат зелено светло на идната стратегија.


Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.