Претседателска закана

17.04.2017 | 18:00
Прочитано: 25922
Претседателот Ѓорге Иванов сериозно ги прекрши своите ингеренции и се впушти во партиската игра кога ја прокоментира можната разврска на судските предмети што се водат против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, велат дел од експертите.
 
Порачуваат дека улогата на претседателот на државата не е да прејудицира кој ќе заврши во затвор и дека  Иванов не смее да се меша во судската власт. Дел од политиколозите сметаат дека со контроверзната изјава претседателот отворено ги застапува партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, а не државните интереси на земјата. 
 
„Ние се наоѓаме во една чудна ситуација во која на една страна се демократијата, принципиелноста, здравиот разум и меѓународната заедница, а на друга страна Иванов. И тој продолжува во манирот на еден класичен политички аутизам да ја игнорира ситуацијата и да ја заплеткува и задлабочува кризата“, изјави Петар Арсовски, политиколог.
 
Наместо да покаже одговорност и да ја смири топката, Иванов се става во позиција на јуришник на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа ја напушти улогата на марионета која ја играше до сега, коментираат аналитичарите. Експертската јавност остро ги осудува неговите коментари како неодговорни, провоцирачки и потпалувачки. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека ваквата изјава на претседателот е тенденциозна.
 
„Иванов е веќе излезен од нашите правни рамки со се што прави околу формирањето на владата и преземањето врз себе ингеренции да одредува каква влада и каква програма ќе има“, изјави Алберт Муслиу, политички аналитичар.
 
Лидерот на СДСМ не ја коментираше заканата од Иванов, од неговата партија реагираат дека можно е самиот Иванов да сноси кривично правна одговорност за своите постапки.
 
„Се знае кој е носител, а кој заштитник на криминалот во Македонија. Од тука секој обид на Ѓорге Иванов да продолжи да го урнисува уставниот поредок на Македонија и да го штити криминалот на крајот ќе доведе и до негова лична одговорност. Македонија е парламентарна демократија со формирано парламентарно мнозинство и тоа е единствениот начин, согласно Уставот, законите и цивилизациските придобивки, да се остварува на власта во македонија.“ - велат од СДСМ.
 
Реакциите се по интервјиуто на Иванов. Тој  за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“ изјави:
 
„Тој (Заев) ги изгуби изборите во декември. Јас сметам дека тој не знае во каква игра се вмешал. Тој беше заслепен од желбата да дојде на власт. Сега се наоѓа во деликатна ситуација. Доколку не успее да дојде на власт, би можел да заврши во затвор. Јас не се заканувам. Македонските институции во даден момент ќе постапат против него, ќе ги истражуваат сите околности.“ - изјави Иванов.
 
Правните експерти пак фокусот го стават на одбивањето на Иванов да го додели мандатот на парламентарното мнозинство за да се избере Влада и со тоа да се оконча политичката криза. Бидејќи Иванов зборува за кривична одговорност, не треба да се заборави дека кршењето на уставот и злоупотребата на службената на службената должност се тешки кривични дела, велат тие.

Маја Васева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.