Проневера во висина 800 милиони денари во фабриката за кабли неготино

14.01.2018 | 13:58
Прочитано: 5122

Полициската станица Неготино поднесе кривична пријава против пет лица поради постоење основи на сомнение дека извршиле продолжено кривично дело „злуопотреба на службената положба и овластување“, „намерно предизвикување стечај“, „оштетување или повластување на доверители“ и „фалсификување на службена исправа“ во фабриката за кабли Неготино.

Со кривичната пријава се опфатени Г.Х. (47), генерален директор на АД „ФКН“ (Фабрика за кабли Неготино), Ј.Ј. (37), претседател на Одборот на директори на АД „ФКН“, К.Ј. (41) и К.М. (41), членови на Одборот на директори на фабриката, сите од Република Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес во својство член на одборот на директори на АД „ФКН“.

Како што соопшти денеска МВР, кривично пријавени се и Ј.С. (41) од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на ФКН ДООЕЛ Неготино и С.С. од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на „Мега Ел ООД“ Софија, мнозински акционер во АД „ФКН“, сопственик и основач на ФКН ДООЕЛ Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање во извршување на кривично дело“.

Во периодот од 2007 до 2010 година, Г.Х., Ј.Ј., К.Ј., К.М. и Љ.К. во својство на службени и одговорни лица, по претходен договор, во повеќе наврати со пречекорување на својата службена положба и овластување, постапиле спротивно од Законот за трговски друштва. Во 2007 година за задолжување на друштвото во една банка донеле одлука со која е дадена согласност целокупниот движен и недвижен имот на АД „ФКН“ да се заложи во корист на банката, при што вредноста на имотот која била „спогодбено“ одредена била многу помала од книговодствената. Потоа со Ј.С. и С.С. склучувале договори-зделки за пристапување кон долг, за кои знаеле дека претставуваат зделки со заинтересирана страна, а без одобрение од надлежен орган-Собрание на акционери на АД „ФКН“ Неготино. 

Тие склучувале договори и за непостоечки побарувања-цесии со поврзаното друштво „ФКН“ ДООЕЛ и преку договор за деловна техничка соработка ги отстапиле сите договори, лиценци и сертификати за производство. Покрај ова, го издавале и имотот под закуп на финансиски поврзаното друштво „ФКН“ ДООЕЛ, а со цел за прикривање на вистинската намера за пренос на целокупниот движен и недвижен имот на поврзаното лице „ФКН“ ДООЕЛ.

Првите пет пријавени, спротивно од Законот за стечај, во услови кога друштвото е несолвентно и сметката е блокирана повеќе од 45 дена, со банката склучувале договори за пристапување кон долг, како и кон фиктивни договори за цесии во кои внесувале невистинити податоци, го пренасочувале целокупното работење на АД „ФКН“ преку сметката на поврзаното лице „ФКН“ ДООЕЛ, при што била извршена привидна продажба на имотот сопственост на АД „ФКН“ Неготино.

На овој начин АД „ФКН“ Неготино станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа извршиле оштетување на останатите доверители, акционери и на Република Македонија за износ од 847.217.663 денари.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.