Ракометниот Суперкуп лесно во рацете на Вардар

12.09.2017 | 22:19
Прочитано: 771

Првиот Суперкуп во историјата на македонското ракометно првенство го освои Вардар. Шампионот на Македонија без многу проблеми попладнево го надигра финалистот од Купот, Еурофарм работник со 30-25, без да се форсира и оптоварува. Сепак, битолчани покажаа дека имаат жар во себе, па долго во првиот дел се држеа на три-четири гола негатива, а во почетните минути дури беа и рамноправни.

Вардар почна да се одлепува кон средината на полувремето, кога поведе со 9-6, а како се ближеше крајот на полувремето противникот и почесто грешеше, па на паузата резултатот дојде до 19-12.

По четири минути во вториот дел Вардар поведе со 22-12, а оттаму почна да се опушта. Раул Гонзалес ротираше, им даваше шанса на помладите, а разликата бавно се намалуваше, сепак, без да ја доведе во прашање победата.

Данил Шишкарев и Даинис Криштопанс постигнаа по четири гола, а младиот Даниел Ѓорѓески на голот имаше девет интервенции. Кај Еурофарм, Ојлески предводеше со осум гола, Мајнов постигна шест, а Чаневски броеше до 10 одбрани.

Со овој натпревар се означи старт на новата сезона во Суперлигата, која почнува викендов.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.