Се венчаа младенците на Галичка свадба

16.07.2017 | 18:21
Прочитано: 4492

Галичник и галичани живеат за традиционалната туристичка манифестација „Галичка свадба“. Чукањето на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот и венчавањето во црквата „ Св. Петар и Павле” се само дел од карактеристичните обичаи врзани за Галичката свадба која секоја година ја посетуваат голем број на посетители и туристи.

Свадбарските обичаи денес започнаа со канење на мртвите. Тапаните свират специјална езгија, а младоженецот бара прошка и дозвола да направи свадба и да се ожени. Оваа година младенците кои пред 7 години се запознале токму на Галичник го свртија вниманието и го вратија духот во Галичник. Младоженецот Бошко Лепчески  вели дека предизвик е да се биде дел од оваа традиционална манифестација и да се испочитуваат сите  обичаи. 

Оваа година познатата галичка носија – изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите која тежи околу 25 килограми ја носи скопјанката со галичко потекло Тања Чаловска. Пред 7 години Чаловска го запознала Бошко Лепчески, и двајцата од Скопје но со галичко потекло. Чаловска на свадбата носеше носија која е семејно наследство и е стара еден век, а необлечена повеќе од 50 години. 

Два дена од звуците на зурлите и трештењето на тапаните  ечат и ги грмат ридиштата на планината Бистра и на долината на реката Радика. Посетителите велат дека и покрај  временските услови сепак решиле да ја испочитуваат традицијата на оваа манифестација. 

Галичката свадба и оваа година е поддржана од Министерството за култура. Таа е своевиден театар на отворено, а ја слави и чува традицијата од минатото поврзана со Петровден и свадбите кои на тој празник ги правеле печалбарите од мијачкиот крај. 

 


Сунаи Сабриоски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.