Шилегов: Граѓаните да се откажат од некои привилегии за да дишат чист воздух

13.11.2017 | 18:37
Прочитано: 9944

Општина Аеродром – една од најголемите скопски општини. Над 70 000 жители кои живеат тука секоја зима се гушат во чадот и маглите. Како температурите паѓаат така загаденоста се зголемува. И оваа зима истиот проблем. Мерните станици со денови наназад покажуваат загадување над дозволените граници.

Лисиче е една од населбите каде најмногу се чувствува загаденоста во воздухот. Со години наназад Лисичани вдишуваат канцерогени честички. Жителите велат очекуваат конечно од властите да преземат конкретни мерки и чекори со кои ќе се намали аерозагадувањето.

Сериозен концепт и мерки кои ќе придонесат за ослободување на Скопје од енормното загадување беше првата работа со која сегашниот градоначалник Петре Шилегов велеше дека ќе се зафати. Но конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето во престојната зима се уште нема. Оние кои произлегоа од неодамнешната средба на градоначалниците и министрите засега се само најави, но веќе наидоа на голем број критики кај дел од јавноста.

За проблемот со загадувањето денеска Шилегов порача дека сите мора да се откажат од дел од удобноста за да инвестираат во подобра иднина.

„Кога велат сите, мислам и на централната, градската и општинската власт и на бизнисмените и на организациите на граѓаните мора да се откажеме од малку да добиеме повеќе.“, вели Петре Шилегов

Скопјани не се единствените кои се гушат во нечист воздух. И Тетово е на листата на најзагадени градови во Европа. Решавањето на проблемот со аерозагадувањето беше едно од главните ветувања и во предизборните кампањи. И додека се уште се дефинираат мерките, нивото на штетните честички во воздухот секојдневно расте далеку над дозволените граници.


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.