Силно невреме во Грција – Халкидики под вода

17.07.2017 | 20:57
Прочитано: 23926

Големо невреме со поројни дождови до 100 литри на метар квадратен, ја погоди Грција. Обилните врнежи го поплавија вториот крак на Халкидики. Поплави има и на патиштата Лариса - Кожани и Ситонија, а најкритично е на вториот крак,  во Торони, Порто Куфо и Тристиника.

Грчките власти наредија итна евакуација на населението во погодените подрачја, а според податоците на македонското МНР, меѓу нив нема македонски државјани. Во конзулатот во Солун е примен повик од едно македонско семејство кое е на летување, но не се наоѓа во опасна ситуација.

Грчки медиуми објавија инсерти од поројни дождови, што ги зафатија меѓу останатите и Лепотокарија, Парајлија, Неа Врасна, Парга, Ханиоти, Пефкохори, Трикали и Торони.

Температурата во одделни места била околу 15 степени Целзиусови.

Во дел од градовите од одделни хотели се евакуирани туристи, меѓу кои и од хотел на Ситонија, каде денеска се евакуирани поради река, која се излеала од коритото и го поплавила целото подрачје. Грчките медиуми јавуваат дека на патиштата во тој дел од државата има одрони и сообраќајот се одвива отежнато.

На социјалните мрежи објавени се фотографии од местото Торони, на кои се гледа како дел од градот е поплавен. Во моментов во Солун е 18 степени, додека во Лариса е 17. Грчката агенција АНА-МПА објави дека облачно време и северен ветар се очекува и утре кога се можни и нови поројни дождови.

Во македонскиот конзулат во Солун функционира дежурен мобилен телефон 00306987200410 на кој можат да се обратат македонските државјани ако имаат потреба.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.