Полицијата по налог на СЈО во акција во скопско Батинци

08.03.2016 | 15:30
Прочитано: 24272
Продолжува спроведувањето на акцијата „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство. Утринава, силни полициски единици поддржани од посебната единица Алфи, беа во домот на едно од осомничените лица. Од тимот на Катица Јанева, за 24 Вести велат дека претресот бил извршен по судска наредба. Од обвинителството не кажуваат за кое лице се работи, но од теренот дознаваме дека се работи за едно од осумте лица за кои Специјалното јавно обвинителство побара изрекување мерка- притвор од судот. 
 
Претресот е завршен. Сите материјали, кои во кривичната постапка можат да послужат како докази, беа конфискувани од страна на полицијата, велат од СЈО.
 
Од Министерството за внатрешни работи не можеа да дадат подетални информации за претресот, велејќи дека тие постапуваат по налог на Специјалното јавно обвинителство.
 
Според извори од терен, претресот бил извршен во домот на вработен во МВР, кој се сомничи за фалсификување на лични карти. Околу нелегалната продукција на лични документи можеше да се слушне и во бомбите на СДСМ, во кои, според опозицијата, екс- министерот Миле Јанакиески прашува дали се готови фалсификуваните лични карти, а во разговорот според опозицијата се работи за истиот човек кој веќе беше на распит во кривичниот суд заедно со поранешните министри Јанакиески и Јанкулоска. 
 
Екипата на 24 Вести го посети скопско Батинци, со цел да дознае, каква била состојбата на теренот утринава.
 

Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.