СЈО за 24 ВЕСТИ: Никој од соработниците не барал поткуп

31.01.2016 | 15:25
Прочитано: 3691
Специјалното обвинителство од медиумите дознало дека се поднесени кривични пријави против тројца обвинители од тимот на Катица Јанева. Официјално, досега никој не бил повикан на разговор во Основното јавно обвнителство, велат од Специјалното обвинителство за 24 вести.  
 
Тие се сомневаат дека некој се обидува да му наштети на новото обвинителство, бидејќи од внатрешниот распит на обвинителите било утврдено дека никој од соработниците на Јанева не барал поткуп, ниту вршел притисоци на приватни лица, во корист на специјалното обвинителство. 
 
Сите наши обвинители беа прашани и во службената евиденција е забележано дека никој не постапил надвор од законските овластувања. Доколку тие кривични пријави се поднесени само паушално, без материјален доказ и се потпираат само на нечии изјави, тоа е лажно пријавување и штети и на институцијата, но и на личниот интегритет на обвинителите кои работат таму, велат од СЈО.
 
Утре Катица Јанева пред новоформираната комисија во Советот на Јавни обвинители ќе треба да образложи зошто обвинителките  Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева беа исклучени од нејзиниот специјален тим. Официјалното објаснување од специјалната обвинителка беше дека за совладуваање на работните задачи доволни се десет обвинители. 
 
Според информациите на 24 вести, од вторник до петок, Јанева во Кривичниот суд ќе прави увид во клучните докази, вештачењата, посебните истражни мерки, за случајот ПУЧ кои МВР ги достави до судот. Пред извесен период Специјалната обвиниетлка се пожали кај европратениците  Иво Вајгл. Ричард Ховит и Едуард Кукан дека кривичниот суд прави опструкции и не соработува со специјалното обвинителство, па доказите мора да ги прегледуваат во судските простории наместо во новото обвинителство.  
 
Од судот одговорија дека поради безбедност доказите се чуваат во судската зграда. За останатите 600 илјади телефонски разговори, кои СДСМ пред еден месец ги однесе во 6 кутии кај Јанева, нема записник, од Специјалното обвинителство се повикуваат на законски прописи според кои не е задолжителен записник. 

Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.