Скопско Батинци во страв поради токсичен отпад

20.03.2017 | 18:52
Прочитано: 4731
Околу дванаесет илјади жители на селото Батинци, со години живеат во страв од болести поради отпадот кој се истура во депонијата „Дрисла“, која се наоѓа во непосредна близина. 
Откако во јавноста се објави информацијата дека 13.000 контејнери отпад од Италија требало да биде складиран или уништен токму во оваа депонија, жителите на селото одлучија спасот да го побараат во медиумите. Велат, не бараат ништо освен чиста животна средина, која им е загарантирана со Уставот.
 
„Имаме право да живееме во еколошки чиста средина и да дишеме чиста воздух и тоа право ни е загрозено и затоа ја бараме вистината за Дрисла“ - велат жителите
 
Најголемиот дел од смртните случаи во текот на изминатава година биле предизвикани од канцерогени болести. Тие се убедени дека тоа е резултат на отпадот, кој според нив, се складира без никаква регулација.
 
„Еколошки не е чисто, нема никакви филтери за вода, ништо не направија што ветија“ - велат жителите.
 
Одговори побарале и од Градот Скопје и од директорот на „Дрисла“, меѓутоа тие останале глуви на нивните барања. Денеска, откако проблемите ги споделија јавно преку медиумите, управата ги повика на средба, но наместо да ги слушнат нивните барања, тие ги убедуваа дека нивните обвинувања се неточни.
 
Од управата не сакаа да дадат изјава за медиумите, под изговор дека директорот не е присутен, а на жителите на Батинци им порачаа да им достават писмени барања. Меѓутоа бирократските процедури до сега не дале никаков резултат – велат жителите. Тие и натаму остануваат во страв да ја пијат водата од чешмите, да ги наводнуваат нивите и да ги проветруваат домовите.
 
Оваа река, во која како што тврдат жителите на Батинци се истура дел од отпадот од Дрисла поминува покрај нивните ниви, а од неа пие и нивниот добиток. Поради ова стравуваат за својата егзистенција, но и од проширување на заразни болести.
 
Инаку депонијата е под концесија на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, веќе четири години. Компанијата вети дека од „Дрисла“ ќе направи најсовремена депонија на Балканот, меѓутоа до сега нема сменето ништо. Ѓубрето се третира безмалку на ист начин како и пред депонијата да добие концесионер, а модернизацијата на начинот на уништување и преработувањето на отпадот останаа само на ниво на ветувања. 

Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.