Случај „Транспортер“: Кога осомничените ќе седнат на обвинителна клупа

20.04.2017 | 18:58
Прочитано: 2727
Новото вештачење за случајот „Транспортер“ покажало дека осомничените, меѓу кои и градоначалникот на Битола, Владимир Талевски – го оштетиле буџетот за близу 290 илјади евра, нешто помалку од првичната сума што беше обелоденета при објавувањето на истрагата на Специјалното јавно обвинителство.
 
Случајот „Транспортер“ е третиот случај на тимот на Катица Јанева – што влегува во судска процедура. Сепак,  додека осомничените седнат на обвинителна клупа треба да поминат законските процедури за приговор на обвинението и оценка на обвинителниот акт за што може да биде закажана и јавна седница. 
 
Обвинението опфаќа 21 лице, Талески, секретарот на општината, директори на училишта и превозници. Истрагата беше покрената против 22 лица, но во меѓувреме едно од осомничените лица починало. 
 
Делата кои им се ставаат на осомничените се злоупотреба на службената положба  и овластување при вршење на јавни набавки, соучесништво и продолжено кривично дело поради повеќекратното повторување на истите кривични дела. 
 
Како што потврдуваат од СЈО, во моментот на покренување на обвинението активни се мерки на претпазливост против 12 лица. Талески има задолжение да се јавува на овластено службено лице, додека  на 11 осомничени им се одземени пасошите и имаат забрана за напуштање на живеалиштето. 
 
СЈО го објави случајот во април минатата година откако беше донесена општата аболиција од претседателот Ѓорге Иванов. Тогаш обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека „градскиот татко“, веројатно плаќал поскап превоз за ученици во Битола и од градоначалникот на Токио.

Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.