Собраниска дебата за законот за јазици

12.09.2017 | 17:51
Прочитано: 665

Законот за јазици и денеска ги скара пратениците од власта и опозицијата. Предложените законски измени, според опозицијата ќе наложат крупни промени во сите државни институции.

Паралелно со тоа спроведувањето на законот ќе биде дополнителен финансиски товар за граѓаните - рече пратеничката Невенка Стаменковска на вториот ден од расправата во комисијата за политички систем.

„Со самиот предлог закон се вели да се формираат нови институции коишто дополнително ќе носат финансиски сретства, наместо ако се носи закон да се направи преструктуирање на постоечките институции да формираме нови непотребни.“ - изјави Невенка Стаменковска од ВМРО- ДПМНЕ.

Власта пак негира дека спроведувањето на законот ќе биде голем товар на државниот буџет. Според пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ, имплементирањето ќе чини околу 260 илјади евра во првата година.

„Предлог законот во првата година се оценуваат 16 милиони денари. Овие сретства ќе се обезбедат од буџетот за 2018. Во врска со вработувањата во новите институции, дел ќе се оствари преку превземање од други државни институции од секретарјатот за спроведување на Охридскиот договор“ - изјави Реџаил Исмаили – ДУИ.

За предложените измени во законот кои со недели се топ тема во јавноста и ја брануваат атмосферата во Собранието, со став се јави МАНУ. Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека за предлог- закон од ваков обем, потребна е сеопфатна јавна расправа.

„Стручната и научна дебата ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во практиката, да се разјаснат некои различни толкувања што се појавија во досегашаната расправа – се вели во соопштението.“

На вчерашната комисиска расправа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека во крајниот заклучок ќе предложат свикување на јавна расправа. Утре е последен ден за дебата во комисијата за политички систем. Предлог- законот ќе се расправа и во законодавно- правната комисија, а доколку биде поддржан, ќе се најде на пленарна седница, пред да помине во втората фаза од законодавната постапка.



Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.