ТИРЗ Скопје 1 ги доби сите потребни услови за водење бизнис

26.08.2012 | 01:31
Прочитано: 487
Технолошко-индустриската зона Скопје 1 го заокружи инфраструктурното уредување. Денеска пуштена во употреба новата административна зграда, која ќе придонесе за подобрување на условите за водење бизнис во зоната.  Во неа ќе функционира царински терминал со капацитет од 60 товарни возила, шпедиција, банкарски и поштенски услуги, ресторани, околу 40 канцеларии и други помошни простории потребни на компаниите кои работат во зоната.
 
Според премиерот Никола Груевски со тоа зоната има уште еден адут повеќе да привлече нови инвеститори и да овозможи што подобри услови за веќе постоечките компании во неа. 
 
- Со изградбата и адекватното инфраструктурно опремување на зоните верувам дека ќе излеземе во пресрет на се поголемиот интерес за инвестирање во земјата, а со тоа ќе овозможиме отворање на што е можно повеќе фабрики и нови работни места во Македонија, истакна премиерот Груевски, обраќајќи се на отворањето на новата административна зграда во ТИРЗ Скопје 1. 
 
Тој додаде дека ваков начин на уредување ќе добијат сите други зони низ Македонија и истакна дека Владата ќе продолжи да работи на добрите економски политики, да биде партнер со бизнисмените, да ја негува добрата бизнис клима и постојаната промоција на Македонија и македонските услови за водење бизнис во странство.
 
Оваа зона е првата што почна да се гради во Македонија и таа е во најнапредна фаза. - Има своја сообраќајна, електрична, водоводна канализациска и гасоводна мрежа. Во нејзини рамки веќе функционираат амерканските компании „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, британската „Џонсон мети“, инталијанската „Текнохозе“, руската „Протект груп“, индиската „Мадерсон груп“, а уште многу други пројавуваат интерес за влез во зоната, истакна Груевски. Една од потребите на сите нив, како што рече, е изградбата на административната зграда во зоната за која Владата инвестираше 69,5 милиони денари. 
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оваа инвестиција е во насока на подобри услови за водење бизнис во зоната. - Придобивките од концептот технолошко-индустриски развојни зони се евидентни. Странските директни инвестиции во земјата кумулативно во периодот од 2007 до 2011 година изнесуваат 1,5 милијарди евра, што означува пораст од 93 отсто во споредба со периодот од 2003 до 2006 година, а значајно е што ова се случува во време кога светската економија ги доживува своите најтешки моменти уште од големата депресија, истакна Ставрески.
 
Тој потенцира дека странските директни инвестиции кои ги донесе Владата во земјава ќе креираат 10.000 нови работни места од кои поголем дел се во оваа зона.  Покрај зголемување на вработеноста, компаниите кои работат во зоната придонесуваат и на зголемување на извозот. - Само лани Џонсон Мети учесствуваше во вкупниот извоз со 642 милиони долари, а Џонсон Контролс со 85 милиони долари, што значи дека само овие две компании учествувале со 16 проценти во вкупниот извоз минатата година кој изнесуваше 4,45 милијарди долари. Токму од овие причини, односно зголемување на вработеноста, производството, извозот и другите бенефити кои доаѓаат од странските директни инвестиции тие остануваа определба на оваа Влада. Затоа ќе работиме на обезбедува подобри услови за водење бизнис кои ќе бидат од корист како за странските, така и за домашните инвеститори, рече министерот за финансии.
 
Во ТИРЗ Скопје 1 од вкупно 140 хектари досега се закупени 32 проценти, а 20 проценти се веќе резервирани од странски компании. Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потенцира дека се очекува да имаат позитивна одлука до крајот на оваа година и да почнат со градба со крајот на градежната сезона. Станува збор, додаде, претежно за компании од автомобилската индустрија од Европа и од Северна Америка и оти некои од нив имаат донесено внатрешни начелни интерни одлуки, но моментот на објавување на целиот тој процес зависи од нив. 
 
За инвестицијата на „Кемет“, Мизо истакна дека целата зграда е завршена и веќе работи 1,5 месец и оти имат ангажирано околу 70 вработени и се во процес на ангажирање нови луѓе. Градбата на „Протек груп“ е при крај, а на „ММ Фибер“ се одвива според планираната динамика. Од „Мадерсон“, како што појасни Мизо, имало мало пролонгирање на рокот, но оти и тие ги почнале градежните активности и се очекува до крајот на вториот квартал од идната година да бидат завршени и да станат функционални. - Причината за тоа е што оваа година во Европа во првите два квартали продажбата на автомобили е намалена за околу 10 проценти, кои се пак нивни крајни клиенти, посочи Мизо. 
 
Според него, со влегувањето на втората фаза на „Џонсон мети“ и со инвестициите на другите компании во ТИРЗ Скопје 1 се очекува двојно зголемување на извозот во 2013-2014 година. 

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.