Тортура и корупција во македонските затвори

12.10.2017 | 17:17
Прочитано: 3462

Затворениците во Македонија живеат во нехумани и деградирачки услови – нотира Советот на Европа во последниот извештај за состојбите во македонските затвори, кои се опишани како море од мизерија. Најостри се критиките за затворот во Идризово, каде затворска казна издржуваат 60 проценти од осудениците во земјата. Како резултат на катастрофалните услови, набљудувачите забележале дека затворениците се искасани од инсекти и имаат шуга.

„Санитарните јазли се во ужасна состојба – оштетени, пропуштаат вода и неподнослива реа. Голем број од тушевите не функционираа, а речиси и нема топла вода. Греењето работи само неколку часови на ден. Дополнително се забележува отсуство на работни и спортски активности, поради што и затворениците се ограничени во затворските крила дури и повеќе од 22 часа на ден“, се вели во извештајот.

Во извештајот е нотирана и корупцијата во затворскиот систем. Така делегацијата на Советот на Европа во крилото 9 на затворот во Идризово ги забележала и малиот број ќелии со одлични услови, во кои се сместени привилегираните затвореници.

„Среде морето од мизерија, во крилото 9 има ќелии по 11м2, во кои се сместени по две лица. Со теписи, кожни каучи, дрвени кревети, плазма телевизори, фрижидери, апарати за готвење и посебни клима уреди набавени од самите затвореници. Во заедничките простории има аквариуми, маси, столови, каучи, дури и теретана со опрема за вежбање. За жал, ова е вистинската претстава за корумпиран систем и покажува каде лежи моќта во затворите“, се додава во извештајот.

Дополнително, еден од поголемите проблеми на затворениците во Идризово е здравствената заштита. Според извештајот, само двајца доктори и две медицински сестри опслужуваат над 1800 затвореници.

„Лекарскиот тим во Идризово го сочинуваат и шест „асистенти“ затвореници, кои воделе евиденција за здравствената заштита на останатите затвореници, разнесувале лекарства и одлучувале кога да повикаат брза помош во услови кога лекарите не се во затворите. Условите во здравствените објекти се несоодветни и во запуштена состојба“, стои во извештајот.

Во заклучокот, Советот на Европа забележува дека државните власти не ја сфаќаат сериозно обврската да обезбедат хуман третман на лицата лишени од слобода. По десет години од првата посета и по шест извештаи, Советот не забележува подобрување на условите, и покрај ветувањата на државната власт.



Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.