Вардар убедлив против Мешков Брест

08.09.2017 | 19:59
Прочитано: 816

Три од три за Вардар во СЕХА и по дербито против Мешков Брест, кое требаше да биде многу потешка задача, но вардарци го добија убедливо, со 31-23.

Уште почетокот на натпреварот најави каква приказна ќе гледаме во „Јане Сандански“, кога Вардар отвори со 5-1. По само еден гол во првите десет минути, Мешков се консолидира и почна да фаќа чекор, па разликата од три до пет разлика циркулираше низ целото прво полувреме. Најблиску дојде во 27. минута, на 14-12, сепак на пауза Вардар замина со 17-14.

Во вториот дел Белорусите држеа неизвесност десетина минути, но почнаа многу да грешат во нападот, па Вардар почна да поставува нова и нова највисока разлика на натпреварот. Со серија од 5-1 до 50. минута дојде до 26-19, а во завршните десет, тренерот Сергеј Бебешко се обиде со „седум на шест“ да направи чудо.

Наместо тоа, Вардар неколку пати ја погоди празната мрежа на Мешков и со трпелива и дисциплинирана игра водството достигна највисоки девет разлика. Повторно Лука Циндриќ и Рожерио Мораес не беа во тимот, но Раул повторно им даде шанса на младите Војводиќ, Поповски и Ѓорѓески.

Вуко Борозан со шест гола беше најефикасен, Иван Чупиќ помогна со пет, Даинис Криштопанс со четири, а извонреден беше Арпад Штербик со осум одбрани само во второто полувреме. Ова беше одлична контрола за вардарци пред премиерниот натпревар во Лигата на шампионите, идната недела на гости кај Висла Плоцк.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.